Владеачката СДСМ денеска го повтори својот став дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица водат хајка против Коридорите 8 и 10Д и против реномираната американска компанија Бехтел.
Од „Бихаќка“ тврдат дека со денови ВМРО-ДПМНЕ бараше Договорот за коридорите да се достави во Собранието, а сега со денови молчат и не кажуваат кога и на која собраниска комисија тој Договор да се разгледува.
Од партијата се децидни дека СДСМ нема да дозволи граѓаните да платат 150 милиони евра заради блокадите на ДПМНЕ и Левица.
-Левица и ВМРО-ДПМНЕ постојано пласираат лажни вести за цената на проектот, како и за законските измени кои се предвидени за негова реализација.
Тоа покажува едно, дека ВМРО-ДПМНЕ сака по секоја цена да го блокира стратешкиот и воедно најголем проект во инфраструктурата, за изградба на 110 километри автопатски делници на коридорите 8 и 10Д.
Со заокружувањето на овие коридори, кои се на мапата на ЕУ, нашата земја ќе прерасне во патна крстосница на Балканот што отвора нови потенцијали за економијата и нови и добро платени работни места за граѓаните, стои во партиското соопштение на СДСМ.