Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, вчера навел дека ентитетот со кој тој раководи ќе се отцепи од Босна и Херцеговина доколку високиот меѓународен претставник наметне закон за државен имот, а отфрли дека би можел да заврши во затвор доколку биде осуден за негирање на одлуките на Кристиан Шмит.
„Во моментот кога Шмит ќе го наметне законот за имот, таа вечер ќе биде донесена одлука за независност на Република Српска“, рече Додик во интервју за Федералната телевизија.
Ќе му забранат на Шмит да влезе во РС
Тој тврди дека имотот на територијата на Република Српска е сопственост на тој ентитет, но Уставниот суд на БиХ во два наврати ги оспорил законите донесени од властите на тој ентитет. Забраната за располагање со државниот имот беше донесена во 2005 година од страна на поранешниот висок меѓународен претставник Педи Ешдаун.
Додик тврди дека според Дејтонскиот мировен договор имотот им припаднал на ентитетите.
Во меѓувреме, германскиот политичар на чело на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристиан Шмит, формираше посебна комисија која се обидува да најде решение за ова прашање. Додик, сепак, отфрла какво било наметнување на одлуката на Шмит во корист на државата Босна и Херцеговина.
„Тоа води кон независна Република Српска. Нема да прифатам некој друг да го земе она на што јас имам право. Ако ми го земате имотот, зошто да бидам со вас. За мене тоа е завршено во Уставот“, објасни водачот на босанските Срби.
Сепак, тој не објасни како Република Српска, која е еден од двата ентитета во Босна и Херцеговина, ќе стане независна.
Тој најави и дека на Шмит од следната недела ќе му биде забранет влезот во Република Српска, повторувајќи дека нема мандат на висок претставник бидејќи не е назначен во Советот за безбедност на ОН, што беше случај со неговите претходници.
Додик: „Нема да одам во затвор“
„Ако дознаеме дека влегол, ќе биде избркан од Република Српска. Од следната недела нема да може да влезе во Република Српска. Па, нека проба“, рече Додик.
Запрашан за исходот од кривичната постапка против него, бидејќи Обвинителството на Босна и Херцеговина поднесе обвинение за неспроведување на одлуките на високиот претставник во Република Српска, Додик рече дека ќе одговори на поканата на судот, но дека нема да оди во затвор дури и ако биде осуден.
„Нема да ме затворите дури и ако ме осудите“, рекол Додик.