Нема да се одржат мастер дебати со сите претседателски кандидати, информираа од изборниот штаб на претседателот и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски. Оттаму додаваат дека изминатиот период, преку интензивна комуникација на изборните штабови на сите седум претседателски кандидати бил постигнат консензус за одржување на две големи т.н. „мастер дебати”.
-На тој начин, во духот на демократијата и транспарентноста, јавноста ќе следеше отворена дебата за прашањата за кои се залагаат претседателските кандидати и за нивните програми.
Исто така, штабот на кандидатот Стево Пендаровски одржа состаноци со одговорните лица од националните телевизии, како и последователни состаноци со претставници од изборните штабови на претседателските кандидати со цел да се надминат отворените прашања, да се премостат разликите, како и да се излезе во пресрет на одредени поспецифични барања, велат од изборниот штаб.
Дебатите било предвидено да се одржат на неутрален терен, а да бидат пренесувани од националните телевизии, како и на социјалните платформи.
-Но, за жал, и покрај најдобрите намери во овој процес и соработката меѓу изборните штабови, политичките и медиумските околности во моментот не се одржливи за да се создадат услови за одржување на овие „мастер дебати”, се додава во соопштението.