Без договор завршија преговорите помеѓу СОНК и Владата за зголемување на платите во образванието.
-Очекуваме добра сума која ќе ни понудат владата преку Министерството за финансии, која што не би можеле да ја одбиеме. Буџетот тука се крои, касата е тука, парите се тука и затоа очекуваме добра сума. Конструктивен предлог кој што ќе го понудиме пред членството, па тие како ќе одлучат, изјави денеска претседателот на СОНК, Јаким Неделков пред денешните предговори со министерот за финансии, Фатмир Бесими околу висината на платите во образованието.
Според Неделков, за нив прифатливо е 18,4% сега и дополнително усогласување на минималната плата со колективните одговори.
-Барањата на Тренчевска се невозможни. Сепак таа има такво право затоа што е донесен небулозен закон во 2014. Ова може да го сметаме и како притисок за штрајкувачите, рече Неделков откако министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска изјави дека доколку не биде постигнат и вработените штрајкуваат, директорите на градинките мора да најдат начин да ги згрижат децата кои ќе дојдат.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, пак, порача дека дијалогот продолжува и оти ќе се обидат до 11 април да најдат решение.
-Разговаравме за решение кое ќе значи трајно решавање на проблемот со системот на плати. Легитимно право е на секој да протестира, меѓутоа во делот на детската заштита децата треба да бидат згрижени. И по Устав и по Закон не смее да биде прекинат процесот за згрижување на деца, изјави Тренчевска.
Доколку воспитувачите одбијат да ги примат децата во градинка, како што кажа, Законот за детска заштита предвидува казни.
-Треба да си обезбедат замена на сите оние коишто ќе штрајкуваат, појасни Тренчевска.