Нема казна затвор за полицаецот кој тепаше Роми во Битола, реагираат од Ромалитико и Аваја

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Пресудата која за прв пат одреди затворска казназа полициска бруталност е преиначена во делот на затворска казна и повторно, како и во другите претходни случаеви, од Апелациониот суд е одлучено за условна осуда. Одредената затворска казна од 1 година се преиначува во условна осуда со обврска обвинетитот да не изврши ново кривично дело за време од 3 години по правосилноста на пресудата, информираат од Институтот за истражувања и анализа на политики – Ромалитко и граѓанското движење „Аваја“.

Инцидентот во Битола е добро познат случај на јавноста од септември 2020 година кога четири лица од ромска националност, како што пишуваат Ромалитико и Аваја, беа претепани од страна на полициски службеници во Битола.

Случајот стана познат бидејќи беше снимен и објавен на социјалните мрежи. Во поддршка на ефективна пресуда беа организирании два големи протести, еден во Битола и еден во Скопје. За овој случај имаме две пресуди кои пресудија за сторено кривично дело малтретирање во вршење на служба и одредија затворска казна од 1 година за еден полициски службеник. Случајот беше бурно следен и од меѓународната заедница, вклучувајќи ја и Европската Комисија која побара ефективна пресуда и ја осуди полициската бруталност.

-Оваа пресуда требаше да биде преседан во одредување на затворска казна за полициска бруталност бидејќи сите други претходни пресуди за полициска бруталност ја одредуваат истата условна казна. Со одредувањето на условни осуди креираме средина во која полициската бруталност не се следи и казнува, а со тоа се намалува и довербата на граѓаните во полицијата и судовите. Оваа пресуда не беше значајна само за ромската заедница како заедница со повеќе случаи на полициска бруталност, меѓутоа и за целото општество бидејќи насилство не треба да биде дел секојдневното функционирање.

Со првата пресуда судот сметал дека со изречената казна затвор ќе се влијае на обвинетитот во иднина да не врши вакви или слични дела и дека со оваа казна ќе се постигнат целите на генералната и социјалната превенција, меѓутоа апелациониот суд дојде до заклучок дека обвинетиот има кривична одговорност, но и можност да биде поблаго казнет. Според судот, целта на казнувањето може да се оствари и со предупредување со закана за казна-условна осуда која доволно воспитно ќе влијае на обвинетитот, а со тоа и позитивно ќе се влијае на планот за генерална превенција од вакви кривични дела. Судот смета дека условната казна затвор претставува адекватен општествен прекор.

Случајот нема да застане тука! Ние ќе продолжиме да ја бараме правдата со користење на сите правни средства, порачуваат од Ромалитико и Аваја.

Слични содржини