„Нема место за паника“: Граѓаните да не стравуваат, храна има, цените се под контрола

од Берта Китинска
225 прегледи

Надлежните смируваат дека нема простор за паника стоковните резерви се доволни, а компаниите располагаат со залихи на храна кои можат да одговорат на потребите на пазарот.

– Нема место за паника. Недостиг на храна нема да има никако, нема да има притисок врз цените, ниту ќе има ценовни шокови. Земјава има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви кои моментно нема потреба да се стават во фунција, имајќи предвид дека производителите на овие основни производи имаат залихи за период над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви, рече вчера министерот за економија Крешник Бектеши.

Според него, белиот леб не е поскапен во сите маркети, кај некои цената е 25 и 27 денари. Бектеши очекува благо намалување на цените на основните производи, согласно Одлуката за трговските маржи, но засега е важно, вели, дека нема поскапувања.

-Важно е дека нема зголемување на цените како што објавија некои медиуми вчера и завчера, без да ги имаат влезните податоци и пред да се применува мерката. Може да проверите по супермаркети. Убеден сум дека, како со овошјето и зеленчукот чија цена е намалена, така ќе се случи и со другите производи. Инспекторатот е на терен, очекуваме благо намалување на цените како што е предвидено со Одлуката. Има информации дека одредени производители ги зголемиле цените на лебот, но тие главно се движат од 25 до 30 денари. Тоа граѓаните може да го забележат и да одлучат каде ќе купуваат. Секако ние нема да дозволиме тоа да трае. Денеска е само првиот ден, во наредните денови сите производи ќе се вратат на цените согласно Одлуката за маржи. Нема да дозволиме да има шпекулации и манипулации, потенцира министерот.

Бектеши информира и дека причината за празнењето на некои маркети викендов, било повлекувањето на производите од страна на самите трговци.

-Немало паника од страна на граѓаните. Утврдено е дека некои од трговците сами ги повлекле залихите за денеска повторно да ги вратат назад со нови цени. Тоа е целосно утврдено од надлежните институции и нема да дозволиме да се случи. Не е време за манипулации и шпекулации, рече Бектеши и нагласи дека тие трговци што мислат дека на таков начин можат да манипулираат со институциите и потрошувачите ќе бидат санкционирани и дополнително контролирани.