Нема нови дрвја и зеленило, ниту се чистат депониите – велат од СДСМ за загадениот воздух во Скопје

од Nikola Popovski
45 прегледи

СДСМ излезе со критики кон централната власт и градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ дека не преземаат мерки за намалување на загадениот воздух низ Македонија, особено во главниот град Скопје.

Од најголемата опозициска партија потсетуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е централна власт и локална власт во Скопје, има градоначалници и мнозинство во советите во Скопје, во Аеродром, Кисела Вода, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и никој ништо не презема.

-Каде се новите зелени површини кои ги ветуваа? Нема ниту нови дрвја ниту зеленило. Не се чистат депониите, не се чистат улиците, ѓубре на секој чекор, не гледаме ниту еден еколошки проект ниту пак има долгорочни мерки за намалување на загадувањето во Скопје, стои меѓу другото во соопштението од „Бихаќка“.

Во моментов, Скопје е 13-ти најзагаден град во светот, со индекс на загаденост од 117, покажуваат резултатите на платформата Ај-кју-ер.

И додека се најде чаре за аерозагадувањето, лекарите потсетуваат на истите препораки. Заштитна маска, здрава и витаминска исхрана и престој на планина.

Нездравиот амбиентален воздух најмногу ги засега срцево болните и оние со респираторни проблеми, но и здравата популација која сè почесто ги полни амбулантите.

Слични содржини