Нема ново покачување на функционерските плати: Пратениците ги изгласаа измените

од Nikola Popovski
263 прегледи

Денеска на редовна седница во Собранието, пратениците без дебата, едногласно ги изгласаа шесте закони со кои се намалува коефициентот за покачување на платите на 1.060 функционери. Пратениците, судиите, обвинителите, министрите, градоначалници и сите други функционери именувани од Собранието и Владата, нема да го добијат покачувањето од околу 400 евра, со оглед на тоа што се намалува коефициентот за раст на платата на функционерите за 0.5. Сепак, си го задржаа она покачување од 78%, кое беше одлука на Уставниот суд.

Претседателот на Собранието, Јован Митрески констатираше дека предлозите за измени во законите за платите на функционерите, поминаа на пленарната седница.

Зголемувањето на платите предизвика бура реакции од јавноста, откако Уставниот суд во март мината година ја укина одредбата во Законот за надоместоци на избрани и именувани функционери, со којшто шест години беше определена фиксна основица.

Предлогот го поднесе пратеничката група на СДСМ од каде рекоа дека со измените, платите на функционерите нема да пораснат со порастот на просечната плата.

За платите на функционерите кои се именувани директно од Владата и не се опфатени со законските промени, се разгледува законска можност за интервенција со владина одлука, а според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи тоа може да се направи и од управните и надзорните одбори.

Слични содржини