Во денешната анализа на Министерството за здравство стои дека заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство.
Сепак, нема одговор на прашањето на „Локално“ во изминативе четири дена за тоа од кој производител најмногу примиле вакцина починатите лица од Ковид-19.
„Кога ќе ги добиеме податоците од ИЈЗ, Мој Термин и Центрите за Јавно Здравје, податоците ќе ви бидат доставени“, одговори денеска МЗ на прашањето кое нашата редакција го испрати во вторникот.
Ковид статистиката за изминативе 7 дена (без денешниот биланс) вели дека како последица од корона-вирусот починале 175 лица во земјава.
Министерот за здравство, Венко Филипче денеска изјави дека има случаи кои се инфицирале после вакцинација, но тоа се мал број на случаи.
„Медицината не дала одговори на се. Се уште некои аспекти се непознати, но тоа што се знае е дека вакцината штити до 20 пати од смртен исход. Во болниците околу 85 проценти се примени невакцинирани“, истакна Филипче.