„Кога ќе ја потрошам нафтата што се наоѓа во резервоарот, ќе морам да го паркирам автобусот и нема да возам… навистина немам пари да купам гориво“, вели за „Локално“ сопственик на приватен автобус.
Неговата изјава звучи драматично, но всушност е кратко и прецизно резиме на состојбата со јавниот превоз во Скопје во 2024 и 2025 година: систем во кој едните немаат гориво, другите немаат исплатени фактури, а граѓаните немаат сигурен превоз.
Кризата што постојано се повторува
Проблемите со горивото не се инцидент, туку хронична состојба. Во ноември 2024 година, во попладневните часови низ Скопје сообраќаа само 25 автобуси на ЈСП, додека околу 70 проценти од возниот парк беше паркиран поради недостиг на дизел и ТНГ.
Главниот добавувач на гориво тогаш ја прекина испораката поради значителен долг од страна на ЈСП. Во септември 2025 година, сценариото се повтори: беа обезбедени околу 20 тони гориво, доволни само за неколку дена, по што повторно немаше гаранции дека автобусите ќе излезат на улица.
Додека градските власти тврдеа дека испораката е прекината и покрај активен договор и најавуваа правни постапки, граѓаните повторно сведочеа на редуциран превоз.
Во таква атмосфера, резервоарот станува последната линија на одбрана: додека има нафта, автобусот вози. Кога ќе пресуши – се паркира, не како штрајк, туку како фактичка состојба.
Долговите кон приватниците
Паралелно со проблемите со горивото, се влече и прашањето на долговите кон приватните превозници.
Извештајот на Државниот завод за ревизија за 2023 година покажува дека ЈСП имал неподмирени обврски кон приватните превозници од околу 93 милиони денари, односно околу 1,5 милиони евра.
Ревизорите нотираа дека поради доцнење на плаќањата, превозниците работеа со намален капацитет, а ЈСП доби неповолно мислење и за финансиските извештаи и за усогласеноста со законите.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Алфа
Според извештајот, ЈСП системски не ја исполнувал обврската за плаќање во рок од 15 дена, а субвенциите од Градот не биле доволни за стабилен превоз.
Во октомври годинава, приватните компании „Јофи Бус“, „Вестор Транс“ и „Радос Компани“ предупредија дека ќе го намалат возниот ред за 70 проценти и ќе возат само неколку утрински часови, наведувајќи дека долгот достигнал околу 170 милиони денари.
Делумните уплати, како што објаснуваат превозниците, обезбедуваат гориво за десетина дена или две недели, по што повторно следува ризик од редукција. Оттука и пораката: без редовни приливи, нема ни гориво.
Најави за „рестарт“ и старата реалност
По смената на градската власт, новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски најави „рестарт“ на јавниот превоз со зголемена улога на приватниците. Во ноември беше соопштено дека низ градот ќе сообраќаат 55 приватни автобуси, а до крајот на годината уште 20, додека до март 2026 се планира набавка на 80 нови автобуси.
Приватните превозници најавуваат подобри и поеколошки возила, но само неколку недели претходно истите компании предупредуваа дека ќе возат исклучиво додека има средства за гориво.
Така, паралелно опстојуваат две слики: политички најави за решавање на хаосот и практична реалност во која без стабилни уплати нема гарантиран превоз.
Помеѓу резервоарот и буџетот
Ревизорските извештаи укажуваат на неквалитетен и ненавремен јавен превоз, а на терен тоа значи подолги чекања, пренатрупани автобуси и непредвидливи редуцирања на линиите.
Во таков модел, патниците стануваат „неми заложници“ на односите меѓу ЈСП, приватните превозници, добавувачите на гориво и институциите.
Изјавата дека автобусите ќе возат додека има пари за нафта се совпаѓа со официјалните податоци за долгови и прекини на испораките.
Додека не се воспостави стабилен финансиски модел и јасни, почитувани договори, јавниот превоз во Скопје ќе продолжи да функционира „од ден за ден“ – според тоа дали ќе стигне следната уплата или следната цистерна со нафта.
Б.Т.