Неколкучасовната средба на лидерите на парламентарните политички партии во Собранието заврши без конкретни заклучоци или консензус за уставни измени.
Лидерот на СДСМ и премиер на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски по средба за уставните измени со повеќето партиски лидери порача дека очекува сите во нареднот период и да дадат свој придонес за решавање на проблемите.
– Никој нема право да ја кочи иднината на државата заради партиски интереси. Никој нема право да блокира процеси кои се приоритет и развој. Очекувам сите да сме на ниво на задачата, да дадеме се од себе и максимално да дадеме свој придонес. Ние треба да обезбедиме за граѓаните европска и побогата иднина, изјави Ковачевски.
Од друга страна лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по лидерската средбата изјави дека на неа не се разговараше за ниедна важна тема.
– Не стана збор за инфлацијата од 20 проценти , не станат за ниедна тема што им е важна на граѓаните , рече Мицкоски со констатација дека Владата се обидува да направи дефокус од вистинските проблеми и дека се фокусирале само на некои теми како евроинтеграцијата , за која што многу пати се разговарало. Се делеше еден смешен документ , како заклучоци , што се рабира не го прифативме, изјави Мицкоски.
Мицкоски истакна дека го поддржал предлогот на лидерот на ДС, Павле Трајанов за Бугарија да го признае македонското малцинство во Бугарија. Мицкоски потврди дека опозицијата нема да гласа за уставни измени. Тој истакна дека ќе нема гласање за уставни измени , туку ќе треба да почне постапката за предвремени парламентарни избори.
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети по лидерската средба во Собранието истакна дека на средбата доминирала отворена и конструктивна дебата, смиреноста и рационалноста и посочи дека треба да продолжат ваквите средби до приближување на разликите меѓу мнозинството и малцинството.
– Се дебатираше за сите теми. Според моите процени, не мора да значи дека на една средба да ги оценуваме сите разлики и се разбира дека разлики имаше, меѓутоа се надевам дека оваа средба нема да биде последна, туку да се продолжи со ваквите средби се до приближување на разликите кои што постојат меѓу политичките партии за да се гради заедничка стратегија за тоа како да ја промениме денешницата, со еден подобар напредок и прогрес во иднина. Доминираше смиреноста и рационалноста и тоа ми остави впечаток од оваа средба. Посакувам оваа смиреност да продолжи до приближување на разликите меѓу мнозинството и малцинството, изјави Ахмети.
Додека, лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, по лидерската средба изјави дека тие како партија се за отворање на Уставот и внесување на другите заедници во Уставот. Но со неговото отворање да се отстране и „20%“ за Албанците и Албанскиот јазик. Тој додаде дека сограѓаните Македонци треба да ги разберат Албанците за ова, како што ги разбираат Албанците кога станува збор за нивниот јазик, кој го оспоруваат Бугарите.
– Отворањето на уставот мора да се случи бидејќи Северна Македонија нема друга алтернатива. Воведувањето Бугари не го нарушува идентитетот на државата. Оваа можност за отворање овозможува и отворање на други прашања, како што е отстранувањето на 20 проценти за дефинирање на Албанците и Албанскиот јазик. Албанците отсекогаш биле на страната на Македонците кога станува збор за јазикот, така што и овие вториве треба да ни помогнат на реципрочен начин, изјави Таравари.