Нема повеќе земање брзи кредити со туѓа лична карта – Министерството за финансии изготви нов Правилник

од Nikola Popovski

Финансиските друштва коишто работат на територијата на РС Македонија од почетокот на овој месец имаат обврска да воспостават систем за управување со кредитен ризик за идентификување, мерење, контрола и следење на кредитниот ризик којшто вклучува меѓу другото процедура за процена на кредитната способност, како и процедура за идентификација и ажурирање на податоците на клиентите, велат од Министерството за финансии преку соопштение. Начинот на управување со кредитниот ризик е пропишан со новиот Правилник кој е донесен од Министерството за финансии и кој е основа за системска контрола во работењето на финансиските друштва.

Со примена на Правилникот се оневозможува финансиското друштво да одобри кредит на барател кој не е кредитоспособен, односно финансиското друштво пред склчување на договорот за кредит треба да ја процени кредитната способност на барателот на кредит врз основа на информации од страна на барателот и релевантна надворешна база на податоци. Доколку од проценката на кредитната способност финансиското друштво утврди дека вкупните месечни обврски на барателот на кредит надминуваат 70% од неговите вкупни месечни приходи, финансиското друштво нема да може да одобри нов кредит. На овој начин ќе се спречи презадолженоста на граѓаните.

-Покрај проценувањето на кредитната способност, со Правилникот се обезбедува поголема заштита на потрошувачите на услугите на финансиските друштва од злоупотреба на личните податоци, на начин што се доуредува постапката по која финансиските друштва треба да вршат идентификација и ажурирање на податоците на клиентите и кредитобарателите. Финансиското друштво при идентификација треба да обезбеди податоци од клиентот наведени во Правилникот коишто стануваат дел од кредитното досие и истите задолжително се наведуваат и во апликацијата за кредит, како и во договорите за потрошувачки кредит. Притоа, финансиските друштва нема да можат да одобрат потрошувачки кредит по електронски пат на физичко лице доколку кој било податок во апликацијата или доставените докази се разликува од податоците коишто се дел од кредитното досие, велат од ресорот финансии.

Воспоставувањето на системот за управување со кредитен ризик, пропишан со овој Правилник, произлегува од последните измени и дополнувања на Законот за финансиските друштва, кои беа донесени со цел поголема заштита на граѓаните кои ги користат услугите на финансиските друштва и зголемување на довербата во финансиските друштва.

-Во таа насока со Законот се постави максимален износ на сите трошоци поврзани со кредитот, се укина можноста за земање кредит за затворање на претходно доспеан кредит во исто финансиско друштво, се укина можноста трговските друштва што поседуваат дозвола или лиценца согласно Законот за игрите на среќа и за забавните игри да можат да бидат кредитни посредници на финансиско друштво, односно да нудат кредитни производи. Со Законот се зајакна и надзорот врз работењето на финансиските друштва, како и регулаторната рамка за работење на финансиските друштва со цел тие да претставуваат сериозни финансиски институции на пазарот, стои во дописот од Министерството за финансии.

Слични содржини