Палестинското милитантно движење Хамас денеска повтори дека додека не завршат борбите, нема да преговара со Израел за ослободување на заложниците.
Шефот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, изјави дека сите кои контактирале со групата во врска со ослободувањето на заложниците биле информирани, пренесува Би-Би-Си.
„Ги известивме сите страни кои не контактираа во врска со непријателските затвореници дека ова досие нема да биде отворено пред крајот на конфликтот и ќе биде само по цена што ќе биде прифатлива за нас“, рече тој.
Хамас во понеделникот соопшти дека ќе ги егзекутира заложниците како одговор на израелските напади во Појасот Газа за кои рече дека биле извршени без предупредување.
Израел проценува дека Хамас држи меѓу 100 и 150 луѓе во Газа кои беа киднапирани од јужен Израел во саботата.
Израел со голема сила и масовно ќе ја нападне палестинската милитантна група Хамас во Газа, дури и по цена да ги повреди Израелците заробени од Хамас, пишува „Тајмс оф Израел“, повикувајќи се на висок неименуван извор од израелската влада.
Вооруженото крило на палестинската милитантна група Хамас, Бригадите Езедин ал-Касам, го предупреди Израел за убиствата на цивили во опколениот Појас Газа, најавувајќи дека по еден израелски затвореник ќе биде погубен секојпат кога ќе бидат нападнати цивили.