Нема заштитни маски по аптеките – се потрошија последните резерви

од desk2
74 прегледи

„Макфакс“ утрово направи обиколка низ неколку аптеки во Скопје за да провери дали граѓаните ги купуваат маските за заштита од загадениот воздух, а одговорот секаде беше ист – вчера се потрошија последните резерви.

Граѓаните на секаков начин се обидуваат да се заштитат од загадениот воздух во главниот град. Во последните неколку денови нивото на штетните ПМ10 честички во воздухот во повеќе скопски населби беше и до 10 пати над дозволеното.

Како една од начините за заштита граѓаните ги користат маските со активен јаглен. Најевтините се 140 денари и нивниот рок на употреба е 120 часа, а во една од аптеките може да се најдат маски и за 900 денари.

Од аптеките велат дека деновиве маските се трошат многу бргу и дека ги потрошиле резервите, а нов дотур очекуваат од понеделник. Уште од рано изутрина, аптеките беа полни со граѓани кои прашуваат кога ќе добијат нови маски.

Според најновите податоци објавени на веб-страницата на Министерството за животна средина утринава најзагадено е во Центар, Карпош и Миладиновци. Високо загадување има во Лисиче и Гази Баба./Макфакс