Во конструктивна атмосфера мина тричасовната лидерска средба во Клубот на пратениците. Консензус е постигнат за реформската агенда за продолжување на европската интеграција. Согласност има и за нов Изборен законик што треба да се донесе до крајот на пролетта, како и за Законот за прекршоци за да може системот „Безбеден град“ да почне да функционира од 1-ви февруари. По противењето на СДСМ, премиерот Христијан Мицкоски фрли ракавица – техничката влада да се укине, но не од следните парламентарни избори, туку од оние по нив, но и да се побара мислење од меѓународниот фактор, како што побарал лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
На средбата не присуствуваше лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Евидентно беше „(не)намерното поставено“ празно столче на масата. Иако добија покана за учество, од „Бихаќка“ не се појавија. Дали успеа стратегијата на Филипче и што всушност доби СДСМ со отсуството? Според еден од основачите на партијата и екс-функционер, Ѓунер Исмаил, СДСМ е карактеристичен по тоа што сепак има секогаш подолгорочни стратегии, било кој да го води. Смета дека таква е партијата која секогаш гледа малку подалеку отколку што се причинува дека е.

Ѓунер Исмаил/Фото: Принтскрин
-Лидерската средба со тема која е ирелевантна во моментов е нешто за кое што народот најдобро се искажува со изреката „село гори, баба се чешла“. Целиот свет е во судири, а овие расправаат за работи кои што се изградени на поцврста основа, како на пример Техничката влада и сите аспекти. „Пржино“ е направен кога ова општество покажа незрели моменти во неговото функционирање. Никој да не заборави дека Техничката влада е направена во моментов кога оваа земја доби дијагоноза од Комисијата на Прибе дека станува збор за заробена држава. Кога ќе го прочитате повторно Извештајот на Прибе, од многуте забелешки таму, скоро ниту една не е поправена ниту се преземени чекори. Да не зборувам за тоталниот аутизам во надворешната политика на земјата – таа се диктира од внатрешната политика, анализира Исмаил. Според тоа, СДСМ во моментов влегува во некаков континуитет и се обидува да го следи долгорочниот децениски континуитет на таа партија. Дали имаме забелешки и какво раководство и како функционира, тоа се внатрепартиски теми.
Околу тоа дали гледа сличности во слични ПР потези и раководењето на Филипче со СДСМ со Мицкоски со ВМРО-ДПМНЕ кога актуелната власт беше во опозиција, актуелниот аналитичар на состојбите вели дека не би правел такви споредби, бидејќи, како што истакнува, сепак се работи за потполно различни структури и не можат никако да бидат споредени.
-СДСМ секогаш имал подолгорочни и подржавотворни цели, а за ВМРО-ДПМНЕ, дали го раководи Мицкоски или некој друг, не би бил секогаш сигурен дека нивните цели, дали се стратешки, се поврзани со тоа што се нарекува државотворност во најдобрата смисла на зборот, потенцира Исмаил.

Фото: СДСМ
„Се покажа дека ставот на СДСМ да не учествува на лидерската средба е целосно правилен, нема да бидеме алиби на еден лажен дијалог и нема да бидеме алиби за предвремени парламентарни избори по однапред подготвено сценарио, нема да бидеме алиби за укинување на техничката влада“, порача вчера потпретседателката и пратеничка од СДСМ, Јована Тренчевска.
Тренчевска посочи дека во државата се уште не постои зрелост за укинување на техничката влада, додавајќи дека не може селективно и по потреба да се одлучува дали техничката влада ќе опстои или ќе се укинува, односно да се каже дека за следните избори ќе постои, а за некои идни ќе се укине.
„Кога ќе дојде времето, ако покажеме демократски капацитет на институциите и зрелост, тогаш може повторно да седнеме и да разговараме и да разговараме дали ќе се укине. Институциите не се ниту демократски, ниту пак власта е демократски зрела за да можеме да ја укинеме техничката влада. Впрочем, тоа се виде и на локалните избори во 2025 година, каде што водовме каков притисок на локално ниво се изврши преку Министерство за внатрешни работи и преку Министерство за социјална политика, демографија и млади. И затоа уште кога се најави лидерската средба, рековме дека нема да бидеме присутни, што сега по одржувањето се покажа дека е правилна одлука“, рече Тренчевска.
Потпретседателката на партијата укажа дека е поразително што на лидерската средба, не се разговарало за суштинските прашања, како е реформската агенда, економската состојба и стандардот на граѓаните.
„Во јуни 2025 не се донесе ниту еден закон од реформската агенда. Декември 2025 се пролонгира рокот, не се донесе ниту еден од пакетот а особено во делот на владеењето на правото. Да, имаме единствено еден закон од тој пакет на 12 закони, Законот за судски совет, во кој што впрочем не се инкорпорирани ниту препораките, на Оценската мисија, ниту на Венецијанската комисија. Не слушнавме ниту една дискусија или заклучок од оваа лидерска средба за економската состојба на граѓаните. Имало барање од политичките лидери, меѓутоа во заклучоците, освен за техничката влада, ние немаме ништо друго како резултат од ова“, рече Тренчевска.
Притоа, Тренчевска предупреди дека власта единствено што прави со секоја политика е изолација на државата.
„Очекуваниот исход од ‘лидерската’ средба е 0% економија и 100% политика. Една изборна единица има смисла само со отворени листи! Во спротивно, како и денес, само неколку мажи ќе продолжат да ја дефинираат судбината на Македонија, наместо граѓаните, се истакнува во реакцијата на Либерално-демократската партија на Македонија за лидерската.
„Моќта и финансиите ќе останат кај нив, а за народот — трошки. Со отворени листи ќе има поодговорни народни избраници, а со тоа и ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ГРАЃАНИТЕ“, реагираше претседателката на ЛДП, Моника Зајкова на својот Фејсбук профил.
По најавите за лидерска од ЛДП посочуваат дека истата има смисла, но НЕ ако е таа само за укинување или задржување на техничката влада како изолирана и празна тема, туку заради одговори на клучните прашања кои директно го засегаат животот и стандардот на граѓаните, сепак единствена жена лидер не доби покана да седне на масата на лидерската средба. Иако Зајкова е дел од Парламентот и е единствената жена-лидер на партија во Македонија, организаторите на лидерската средба одлучија да поканат само претставници на партиите кои имаат пратенички групи во Собранието.
Конкретно за разговорот на средбата, дд ДУИ велат, не сме против моделот за една изборна единица, но со минимален праг од пет отсто и отворени листи. Отворени за понатамошни разговори во Собранието остануваат темите за бројот на изборните единици, дали листите ќе бидат отворени или затворени и кога ќе се укине техничката влада.
Во однос на прашањето за народниот правобранител, чијшто избор е блокиран поради немањето Бадентерово мнозинство, ќе продолжат консултации во Собрание. Од „Левица“ предлагаат, припадник на ромската заедница да биде избран за омбудсман, бидејќи, како што велат, тие се најдискриминирани во нашето општество.
Н.П.