Одлуката на Беџет Пацоли да се приклучи кон ткн. Воена коалиција ПАН, предизвика потрес на косовската политичка сцена, пренесуваат приштинските медиуми.

Како што наведуваат, лидерот на Алијансата за ново Косово се приклучил на коалицијата ПАН, заради понуда што не се одбива.
Според медиумите, таа одлука уште повече ги зближила ДСК на Иса Мустафа и Самоопределување на Аљбин Курти и истовремено ги поколеба Српската листа во одлуката да ја поддржат големата коалиција поради изневерените ветувања.
Приштинскиот дневник Љами пишува дека ентузијазмот во големата коалиција опаднал само неколку часа по потпишувањето на коалицискиот договор со Пацоли во неговата куќа во Ајвалија.
Повикувајќи се на свои извори, весникот пишува дека Српската листа отстапува од поддршката на владата на Рамуш Харадинај затоа што во прелиминарните преговори ветено им е дека ќе го добијат Министерството за земјоделство, а сега тоа му припадна на Пацоли.
Се наведува дека Српската листа, во која преовладува ставот да ја напуштат коалицијата, конечната одлука ќе ја донесат по консултации со Белград. Токму затоа Аљбин Курти од Самоопределување на фејсбук напиша дека сега формирањето на косовските институции „ќе зависи од претседателот на Србија, Александар Вучиќ“.
Според спогодбата на големата ткн. Воена коалиција и Алијаната за ново Косово, Пацоли ќе добие пет министерства, а тој лично ќе биде избран за претседател кога ќе му заврши мандатот на Тачи во 2021 година, пишува Коха.
Зери потсетува на сите критики кои Пацоли ги кажа во предизборната кампања на сметка на лидерот на ткн. Воена коалиција и констатира дека сето тоа лидерот на Алијансата го заборавил со вчерашното потпишување на спогодбата.
Приштинска Епока е Ре, ја поздрави одлуката на Пацоли да ја напушти коалицијата со која настапи на изборите, а која е собрана околу Демократскиот сојуз на Косово, на премерот во заминување Иса Мустафа.
Според косовските медиуми, Пацоли, инаку најбогатиот Косовец, ќе ги добие министерството за надворешни, за внатрешни, за животна средина и просторно планирање, за земјоделство и за економија.
Пацоли својот „прелет“ го објасни велејќи дека тој напор го направил за да се избегне понатамошна политичка криза во која се најде Приштина по изборите предвремено одржани на 11 јуни.
„Процесите низ кои минува Косово бараат одговорност и јас одлучив тоа да го прифатам“, рече лидерот на Алијансата за ново Косово.
Мустава рече дека оваа спогодба е последица на големиот притисок секојдневно од ПАН коалицијата.
„Она што е јасно од оваа коалиција е дека никој не победи“, напиша Мустафа на фејсбук, додавајќи дека најмногу од ова губи Косово, затоа што таа коалиција нема да успее и набрзо ќе има уште едни нови избори.
Коха пак, смета дека одлуката на Пацоли да ја поддржи владата на Рамуш Харадинај, нема да ги спречи ДСК, Алтернатива и Самоопределување да ги продолжат преговорите за коалиција.
Авдула Хоти, кандидатот на ДСК за премиер, изјави дека ДСК планира да ги зајакне напорите и уште почесто да се состанува со припадниците на Самооопределување во обид да се договорат за заедничка платформа за формирање на новите косовски институции.
Членот на Самооопределување Дардан Сејдиу ја поздрави одлуката на ДСК за интензивирање на преговорите за заедничка платформа истакнувајќи дека на Приштина „не и треба влада заснована на бројки, туку на онаа која ќе се фокусира на програмската платформа“.