„Ова не е време за реформи, за жал, бидејќи времето наликува на време на војна, или пред војна, и тоа не е време кога можат да се прават реформи“ – ова е само дел од изјавата на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, на која беше разгледан последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија. Ваквата констатација е спорна во моменти кога земјата со децении чека на европските преговори, иако од друга страна е војната во Украина и се почестите шпекулации дека Русија претставува воена закана за цела Европа.
Околу тоа дали изјавата е политички сигнал, дел од јавноста смета дека вакво нешто е несфатливо од шеф на држава односно од првиот човек по Устав. Претседателот е тој кој учествува и во креирањето на надворешната политика. Според политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, реформите на крајот од денот се всушност само заради нас како граѓани и како општество за подобрување на севкупните амбиентални состојби во државата кои се ужасно катастрофални – од тие во судско-обвинителскиот, функционалноста на институциите на системот, заштитата на животната средина, подигнување на животниот стандард, состојбите во здравството и образованието.
-Извештајот од ЕК е само патоказ, како да се спроведат реформите, но сето тоа зависи исклучиво од нас, истакнува Атанасоски во разговор за „Локално“.
Запрашан дали навистина треба да ги запоставиме реформите во вакви моменти и да ги насочиме напорите во друга насока, во овој случај безбедност, соговорникот децидно негира бидејќи, како што вели, тоа би било само изговор за неспроведување на реформите.

Благојче Атанасоски/Фото: Локално
-Ние сме земја-членка на НАТО и апсолутно во дадениов момент, нема никаква опасност за агресија однадвор, дури ни опасност од внатрешен воен конфликт, појаснува Атанасоски.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на вчерашната прес-конференција остро реагираше на изјавите на претседателката. Тврдеше дека екс-премиерот Никола Груевски се уште има големо влијание во неговата поранешна партија. „Не може да си дозволи претседателка на државата, која пред само година ипол доби половина милион гласови, да каже дека ова не е време за реформи. Неколку дена пред тоа Никола Груевски од Будимпешта напиша пост во кој зборуваше дека Европа е во време на војни. Се повеќе ќе станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ го контролира Никола Груевски од Будимпешта. И тие се само извршители на неговите политики и ништо друго,“ рече Филипче. Околу тоа дали истите размислувања се само случајност или постои координација, Атанасоски му порачува на Филипче дека „треба да се погледне прво самиот себе бидејќи е најочигледно дека тој е контролиран од Дубаи од претходниот лидер на СДСМ и премиер, како и од неговиот фамозен брат“.
-Да не се занимава со внатрепартиските состојби во владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, туку нека си го гледа својот двор,односно својата партија која е во клиничка смрт и под егзистенционална закана. Веројатно нему ич не му е гајле за тоа или е во омерта – целосно уценет со инкриминирачки и други компромитирачки материјали, како за поранешен функционер од извршната власт, оценува аналитичарот.
Пред три дена, шефицата на државата посочи дека ЕУ немала јасна стратегија, доцнела на Балканот, САД понекогаш биле побрзи, не била доследна во мировното здружување, „па и денес преферира двојни стандарди“.
„Извештајот има многу добри податоци и критики, што добро треба да се анализираат и да се постапи по нив, но исто така понекогаш оценките на Европската Унија во овие 16 извештаи во вордингот секогаш се раководат од некоја клучна цел, што е она што за ЕУ е најважно во моментот и за тоа го врзуваат и моментумот. Така е и во овој извештај. По 16 пати, овој извештај како и претходните не говори само за евалуираниот, туку говори и за евалуаторот. Ако има оценка или натпревар за политичка спремност, тогаш ние ќе бидеме шампиони во спроведувањето, резултатите ги гледаме“, рече Сиљановска Давкова.
Според неа, како што рече, сега не е време за реформи.
„Ова не е време за реформи, за жал, бидејќи времето наликува на време за време на војна, или пред војна, и тоа не е време кога можат да се прават реформи. Но за мене, и претходно и сега ЕУ е уникатна политичка филозофија, ја поддржуваат сите актери, јавноста на Балканот, ЕУ е перспектива, ЕУ е мотив за демократски реформи, Унијата стимулира реформи што водат до траен мир и стабилност. Сигурна сум дека нашата интегрираност во ЕУ ќе стави крај на феноменот балканизација како феномен на постојано менување на границите“, додаде претседателката.
Поранешниот премиер Никола Груевски, пред повеќе од една недела, преку објава на социјалните мрежи предупреди дека Европа се движи кон нова ера на воена нестабилност, во која речиси сите држави се подготвуваат за можен конфликт меѓу Русија и Западот. Во текстот со наслов „Тапаните на војната почнаа да чукаат во Европа“, Груевски вели дека воената реторика станала секојдневие и дека за првпат по Втората светска војна се чувствува толкаво ниво на страв, пропаганда и психолошка подготвеност за судир.
Груевски вели дека дека Унгарија се соочува со неоправдан притисок од Европската унија: „Погледнете само со какви етикети, финасиски казни, оправдани под други форми и разни закани за губење на правото на глас во ЕУ се соочува Унгарија, чие лидерство отворено внатре во рамките на ЕУ отворено бара промени на политиките на самата ЕУ. Освен за 3-4 други теми (нелегални мигранти, третман или права во делот на сексуалните различности итн), за кои подолг период Унгарија и Брисел имаат сериозни разидувања, сега на прво место исплива токму прашањето околу начинот на враќање на мирот и позицијата на Унгарија за мирно решавање на проблемите со преговори и компромиси“.
Тврдејќи дека „2026 година со сигурност ќе биде година на агонија во Европа“, Груевски вели дека никогаш во последниве 80 години немало толку „големи ега на некои водачи на големите држави од кои зависи дали ќе има војна или мир“; дека шансата за војна во Европа секојдневно расте; дека војните се случуваат кога одредени политички водачи размислуваат ирационално, односно кога егото го завзема просторот на рационалното.
Откако од ВМРО-ДПМНЕ вчера не се огласија за обвинувањата од СДСМ за екс-премиерот, денес од „Бихаќка“ повторно ги прозваа. Прашаа „зошто ВМРО-ДПМНЕ молчи за Груевски?“.
-Скандалозните ставови на претседателката Давкова дека „не било време за реформи“ поради тоа што во Европа имало војни е политичко ехо на пораките на Никола Груевски, кој само неколку дена претходно од Будимпешта испрати идентичен наратив.
Ова е доказ дека Груевски и понатаму ја води партијата од Будимпешта, а Мицкоски и Сиљановска се само формални извршители на неговите директиви. Се повеќе станува јасно дека владата станува заробена од бегалец од правдата, кој од туѓа држава диктира што треба да се случува, стои во партиското соопштение.
Н.П.