Нетанјаху: Ако падне Блискиот Исток, следна е Европа!

од Vladimir Zorba
320 прегледи

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека војната на земјата против палестинската милитантна група Хамас не е „локална битка“ и посочи дека ако Израел не победи, „никој нема да биде безбеден“.

„Нашата победа ќе биде ваша победа. Ако падне Блискиот Исток, Европа е следната. И никој нема да биде безбеден“, рече Нетанјаху за време на состанокот со десетици странски амбасадори во Ерусалим, пишува „Тајмс оф Израел“.

Според овој портал, Нетанјаху зборувал за теми кои ги претставуваат основите на неговиот наратив за време на војната меѓу Израел и Хамас.

„Оската на теророт е предводена од Иран, а ја сочинуваат и Хезболах, Хамас, Хутите и нивните други слуги. Тие бараат да го вратат Блискиот Исток и светот во мрачните времиња. Тие бараат да не торпедираат, да го нарушат секој напредок кон мирот“, рече тој.

Тој посочи дека Израел, откако ќе го „уништи Хамас“, на жителите на Газа ќе им понуди „вистинска иднина, полна со ветувања и надежи“.

Поради војната против Хамас и хуманитарната ситуација во Газа во последниот месец, како резултат на израелскиот напад, многу земји ги повлекоа своите дипломатски претставници од Израел.

Денеска тоа го направи Јужноафриканската Република, поради „геноцид под надзор на меѓународната заедница“.

Претходно и Турција го повлече на консултации својот амбасадор во Израел, поради „хуманитарната трагедија“ во Појасот Газа и одбивањето на Израел да се согласи на прекин на огнот.

Покрај тоа, по почетокот на војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас на 7 октомври, Чад, Хондурас, Чиле, Колумбија и Јордан ги отповикаа своите дипломатски пратеници.

Слични содржини