Нетанјаху ги повика САД да создадат ново НАТО на Блискиот Исток

од Nikola Popovski
47 прегледи

Израел ги повикува Соединетите Американски Држави да создадат нова алијанса на Блискиот Исток, по аналогија на НАТО, кој ќе биде насочена против „заканата“ од Иран, изјавил синоќа израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во обраќањето на заедничката седница на двата дома на американскиот Конгрес.

„Сега би сакал да ја изложам мојата визија за Блискиот Исток како целина. Делумно се заснова на она што го видовме по Втората светска војна. Тогаш, по војната, Америка создаде безбедносен сојуз во Европа за да се спротивстави на растечката советска закана. Исто така, Америка и Израел денес можат да формираат безбедносен сојуз на Блискиот Исток за да се спротивстават на растечката закана од Иран“, истакнал Нетанјаху.

Како што посочил, секоја земја во регионот која ги нормализира односите со Израел треба да добие покана за членство во оваа алијанса.

„По нашата победа, со помош на регионалните партнери, демилитаризацијата и дерадикализацијата на Газа ќе доведат до сигурна иднина, просперитет и мир“, нагласил Нетанјаху.

Тој ја нарекол ситуацијата на Блискиот Исток конфликт меѓу варварството и цивилизацијата.

„Денес се среќаваме на раскрсницата на историјата. Нашиот свет е во немир. На Блискиот Исток, иранската оска на терор се соочува со Америка, Израел и нашите арапски пријатели. Ова не е судир на цивилизации. Ова е конфликт меѓу варварството и цивилизацијата. Ова е конфликт меѓу оние кои ја слават смртта и оние кои се посветени на животот. За да триумфираат силите на цивилизацијата, Америка и Израел мора да бидат заедно“, рекол Нетанјаху.

Во пресрет на неговото обраќање пред Конгресот, во Вашингтон беа организирани големи демонстрации против израелската војна во Појасот Газа.

Слични содржини