Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека е постигнат напредок во напорите за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас во Појасот Газа.
„Напредуваме. Мислам дека не вреди да се зборува премногу, дури и во овој момент, но се надевам дека наскоро ќе има добри вести“, рече тој, пренесе „Ројтерс“.
„Тајмс оф Израел“ претходно објави дека портпаролот на катарското министерство за надворешни работи, Маџед Ал-Ансари изјавил дека разговорите се „на најблиската точка досега“ до постигнување договор и дека сега се во „критична и финална фаза“.
Лидерот на Хамас Исмаил Ханије, исто така, изјави рано утрово дека Хамас е „блиску“ до договор за примирје со Израел.
„Блиску сме до постигнување договор за прекин на огнот“, рече Ханије, додавајќи дека групата го доставила својот одговор до катарските посредници.
Договорот беше објавено дека вклучува повеќедневна пауза во непријателствата, ослободување на околу 50 цивилни заложници кои ги држи Хамас и ослободување на палестински жени и деца во израелскиот притвор.
Ваквиот договор би го означил најголемото ослободување на заложниците и прва размена на затвореници по нападот на Хамас во Израел на 7 октомври. До денес, само четворица од околу 240 Израелци заробени во Газа се вратени во Израел.
Пред војната, Израел држеше околу 5.200 Палестинци во притвор, а од 7 октомври има повеќе од 2.900 апсења. Групите за човекови права и мониторинг веруваат дека Израел држи најмалку 95 жени, 37 новинари и 145 деца.