На Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роџер Федерер може да им се наметне да одиграат по два
натпревари во сингл на „Мастерсот“ во Рим денес, откако дождот ја уништи целата програма на
турнирот вчера. Во раните попладневни часови тројцата ќе излезат за натпреварите од вториот
круг, а при евентуален успех тие ќе треба да ги одиграат и осминафиналните дуели вечерта. Истата
програма ја имаат сите други топ 10 играчи во колото.

Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ кој ја освои титулата во Мадрид минатата недела, во Рим ќе
се сретне со младиот Канаѓанец Денис Шаповалов. Победникот од овој натпревар ќе се соочи со
16-тиот носител, Марко Чекинато или Германецот Филип Колшрајбер во вечерната сесија.
Осумкратниот шампион Рафаел Надал го започнува учеството во „Форо Италико“ со дуел со
Французинот Џереми Шарди. При евентуален успех Шпанецот, кој се уште ја гони својата прва
титула во 2019-та година, ќе се сретне со 14-тиот носител Николоз Басилашвили од Грузија.
Роџер Федерер, кој се врати на сезоната на земја по 3-годишна пауза, се соочува со Португалецот
Жоао Соуса во првиот натпревар, а победникот ќе игра против 13-тиот носител, Хрватот Борна
Чориќ. Федерер е четирикратен финалист во Рим, но никогаш не ја освоил титулата.
Програмата за денот нуди вкупно 20 натпревари во сингл кај мажите, а најинтересните меѓу нив се
Хуан Мартин дел Потро – Давид Гофен, Доминик Тим – Фернандо Вердаско и Ник Кириос – Каспер
Руд