Обилниот дожд ги претвори улиците и булеварите во Скопје во мали реки и езера.
Вода насекаде, обилниот дожд проследен со силен ветер и град ги претвори улиците и булеварите вчера во Скопје во мали реки и езера.
Под подвозникот кај хотел „Континентал“ беа заглавени се четири автомобили, со патници меѓу кои и деца, а поплавена е улицата и кај подвозникот на Бит-пазар, при што заглавени беа неколку автомобили и едно кобе, со вкупно петнаесеттина луѓе.
Полициски службеници во координација со другите институции им помагаат на граѓаните во Скопје по големото невреме.
Се извлекуваат заглавените возила од подвозниците кај хотелот Александар палас, кај Континентал и кај стоковна куќа Мост.
Водата навлезе и во трговскиот центар Ист Гејт, посетителите беа евакуирани, а молот затворен.
Од Центарот за управување со кризи упатија апел до граѓаните да ги пријават настанатите штети од невремето на бројот 112. До сега имало пријави за паднати дрвја, оштетени кровни конструкции, поплавени подземни простории. Од ЦУК нагласуваат дека информациите се пренесуваат до надлежните служби и дека се интервенира по приоритет, односно првично им се помага на лицата што се во опасност.
Веднаш по невремето излеговме на терен и интервенираме, информираа од ЈП „Водовод и канализација“ во Скопје. Како што соопшти претпријатието, се чистат сливниците и шахтите заради нормална функционалност на атмосферската канализација. Со цистерни се испумпува водата од подвозниците и местата каде имаше поплави и заглавени коли.
Сите екипи се на терен
Сите екипи се мобилизирани и се на терен, меѓу кои и Противпожарната бригада на градот Скопје, која со успешна интервенција успеа да спаси над 20 лица од невремето. Се санираат штетите кои се предизвикани пред се од обилните наноси на дожд, има голем број откорнати и паднати дрвја кои имаат нанесено значителни материјални штети, а сето тоа предизвикано од силните ветрови во попладневните часови во Скопје, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Тимови составени од јавните претпријатија, посочи таа, расчистуваат на терен и ќе останат се до целосно санирање на проблемите на критичните места и до нормализација на состојбата.