Бидејќи денеска неколку членови на Централното собрание на АлтернАтивА, како и некои други активисти, организираат прес-конференција, на која ќе побараат разрешување на потпретседателите и генералниот секретар, ја информираме јавноста дека ваквите барања прво ја имаат адресата до партијата. Всушност, вчера двајца од оние кои ја закажале конференцијата беа во седиштето на АлтернАтивА и вербално го изразија ова барање, но претседателот им рекол дека е должен да го почитува Статутот на партијата, додека според член 42 од Статутот на АлтернАтивА, седница на Централното собрание може да се свика доколку таа ја побараат 1/3 од членовите на Централното собрание (за информација, Централното собрание на АлтернАтивА брои 113 членови), велат од партијата на Африм Гаши откако денеска претставници на Алтернатива одржаа прес-конференција во Тетово за да изразат незадоволство и забелешки.
Од опозициската партија велат дека иако до нив не е доставено ниедно барање за седница или друго барање, претседателот Африм Гаши закажал седница на Централното претседателство на 26 јули 2023 година, на која ќе се дискутира на оваа тема и ќе се одлучи дали треба да се свика и Централното собрание.
-Сепак, АлтернАтивА останува отворена да дискутира за која било тема во нејзините централни органи – Собранието и Централното претседателство. Прифатена е и темата на отчет. Тоа е направено редовно од раководните лица на партијата, но дојде време тоа да го направиме и за претседателите на ограноците и, посебно, за поранешните функционери, некои од кои – како на пример поранешниот директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување – не ќе може баш да се гордеат. Тоа ќе биде направено на некоја наредна седница на Централното собрание, на која секој ќе се соочи со своето сработено, со својот успех, но и со својот неуспех. АлтернАтивА не покрива ничии „гревови“, а потоа јавноста нека суди. Секако, одлуките во Централното собрание се носат со мнозинство гласови и АлтернАтивА ќе ја почитува секоја таква одлука, порачуваат од партијата на Гаши.
Оценуваат дека денешната конференција е директно поврзана со можноста за соработка на Гаши, на претседателот на Беса, Билал Касами и на водачот на новото движење кое произлезе од ДУИ, Изет Меџити.
-Фактот дека опозицијата се обединува и тоа ја загрозува ДУИ на следните избори, ја принудува партијата СОРАВИЈА да преземе мерки, користејќи ги сите алатки за да ја саботира оваа опозициска консолидација. Ова е стара игра на оваа партија со енверистичка матрица. Како и да е, вистината не може да се затаи. На следните избори партијата СОРАВИЈА, со сите нејзини НОН ГРАТА експоненти, ќе оди во историјата на срамот, а милионите што ги украдоа ќе треба да ги повраќаат, затоа што овој сиромав народ што се иселува во егзодусни размери, не заслужува ваква корумпирана, лакомо и алчно владеење, стои во партиското соопштение.
Дритан Беџети, кој е претседател на тетовскиот огранок на Алтернатива, денеска порача дека не е време за соработка со други партии туку има потреба Алтернатива да биде посилна партија.
Според анкетите последно време излегуваме како најслаба партија. Некои активисти се разочарани, некои не сакаат да се занимаваат со политика, разочарани од раководството. Не можеме да речеме од сите членови, дел од нив, тие што се поставени од претседателот. Што се однесува до предизборната соработка со другите албански партии соработката со Движењето Беса беше забрзана, бидејќи не беа направени дополнителни чекори со Движењето Беса (пратеничка група, член на ДИК), рече меѓу другото Беџети.
Ваквите превирања следуваат откако вчера неформалниот лидер на „Огнените“ Изет Меџити најави дека ќе формира свое политичко движење кое ќе делува како опозиција, заедно со уште двајца пратеници.