Независен синдикат на полицијата: Новите службени возила повторно во голем дел завршија помеѓу командирите и началниците, наместо на терен

„Доколку не се прекине ваквиот начин на распределба, кој со години е пракса во МВР и да се набават уште 500 нови возила, повторно истите нема да стигнат до полициските службеници“, порачаа од НСП

од Nikola Popovski
25 прегледи Фото: МВР

Независниот синдикат на полицијата информира дека денес до министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски вложиле писмена реакција околу распределбата на новите службени возила кои за жал, како што велат, повторно во голем дел завршија помеѓу командирите и началниците, наместо на терен каде што е најмногу потребно.

-Доколку не се прекине ваквиот начин на распределба, кој со години е пракса во МВР и да се набават уште 500 нови возила повторно истите нема да стигнат до полициските службеници, а со тоа ефектот од набавката нема да го почуствуваат ниту полицајците ниту граѓаните!

Дополнително бараме да се разгледа и самата распределба низ бројки во кои некои полициски станици добија по 5 возила, додека пак други како на пример ПС Кочани кои претставува еден од центрите на обем и сложеност во истокот само 1 возило, стои во апелот од НСП.

Во кругот на Министерството за внатрешни работи, кон крајот на декември 2025 година беа презентирани 120-те нови автомобили „Пежо 408“ за полицијата, чија вкупна вредност изнесува околу 3,9 милиони евра. На презентацијата, премиерот Христијан Мицкоски рече дека оваа набавка е дел од планот за подобрување на мобилноста на полициските службеници во секојдневното извршување на нивните задачи.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека ова е прва ваква набавка по повеќе од петнаесет години и дека новите возила се целосно опремени со најсовремена технологија.

„Вкупната планирана вредност за овие возила беше отприлика околу 232 милиони денари. Овие возила беа платени 202 милиони денари, така што заштедивме дел и од буџетските средства – околу 30 милиони денари. Цената поединечно по возило е далеку пониска од комерцијалната вредност на едно возило, така што навистина мислам дека имаме многу успешен проект кој ќе овозможи зајакнување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи“ нагласи министерот.