
Независниот синдикат на полицијата (НСП) одржа мирен протест со колона автомобили низ улиците на Скопје и прес-конференција пред Влада на РМ. Мото-маршот започна од Министерството за земјоделството, покрај Министерството за правда за да заврши пред Владата, каде прес-конференција одржа претседателот на НСП, Гоце Делчев Тодев.
„Како Синдикат кој се грижи за своите членови како и за останатите вработени во МВР, сметаме и должни сме да Ве потсетиме како премиер и министер за внатрешни работи дека согласно планот за усогласување на платите за 2017 година во Буџетот на РМ беа предвидени две покачувања на платите по 5 отсто и тоа во мај 2017 година првото и 5 отсто во последното тримесечие на годината. До ден денес ниту едното ниту другото не се исплатени, а да биде трагедијата поголема, од досегашните изјави и увиди во предлог буџетот за 2018 година ниту „П“ од покачување и „У“ од усогласување нема“, порачаа од синдикатот.