Независноста на Косово е факт, порачаа од американската амбасада во Приштина

од Nikola Popovski
179 прегледи

Американската амбасада во Приштина соопшти дека целта на САД е да го поддржат Косово да стане дел од европските и евроатлантските структури, нагласувајќи дека „независноста на Косово е факт“.

Ваквата реакција на Твитер уследи по веста дека некој на оваа социјална мрежа наводно „лајкувал“ објава на еден српски медиум од профилот на американската амбасада. Во таа објава се вели за непризнавањето на независноста на Косово, за кое вчера зборуваше претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„Официјалниот Твитер профил на американската амбасада намерно не „лајкувал“ ниту еден твит во последните 24 часа. Како што рековме претходно, кога сакаме да артикулираме став, тоа го правиме преку официјални канали, изјави, а не „лајкови“ на социјалните мрежи“, се наведува во образложението.

Амбасадата додаде дека категорично се противи на „секој обид да се доведе во прашање независноста и суверенитетот на Косово“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 4 јануари на прес-конференција изјави дека ја чека десеттата земја која, според него, ќе го повлече признавањето на независноста на Косово. Тој не прецизираше за која земја станува збор.

Вучиќ рече дека девет земји веќе го повлекле признавањето на Косово: Сомалија, Буркина Фасо, Габон, Есватини, Либија, Гвинеја, Антигва и Барбуда, Света Луција и Малдиви.

Според податоците на Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово, 106 земји досега ја признале независноста што косовските власти ја прогласија во 2008 година.

Слични содржини