Младите кои веќе си заминале од селата ни за 100 илјади евра нема повторно да се врата назад. Според земјоделците оваа мерка која ја нуди Владата од 100.000 евра за преселба во село е добра, но не е доволна, бидејќи според нив, селата се запоставени и нема инфраструктура. Во македонските села нема основни услови за урбано живеење, нема болници, градинки, банки, пошти…Поради тоа, младите кои ќе дојдат да живеат на село и да се занимаваат со земјоделство треба да се откажат од многу цивилизациски продибивки.
-Младите си заминаа од селата во градовите и сега не 100 илјади, туку милион евра да им дадат нема повторно да се вратат назад. Кај ќе се вратат кога нема патишта, болници, градинки, банки, пошти…До нивите одиме по 2 километри пешки, бидејќи нема пристапни патишта. Селата одамна се мртви, државата не вложува пари за да ги заживее селата. Треба прво да се изгради инфраструктура, да се средат имотно-правните односи, бидејќи една нива има повеќе газди, а и куќите немаат еден сопственик, изјави за „Локално„ Митат Исмаили, земјоделец од „Пелагонија„.
Тој вели дека доколку се средат овие работи и ако на младите им се даваат селските куќи по симболична цена, тогаш може само 1 до 2 отсто од нив да се вратат назад.
-Порано нашите села беа едни од најразвиените на Балканот. Сега и во Србија, Бугарија, Грција, дури и во Албанија селата се многу поразвиени од нашите. Кога дојде време да увезуваме земјоделски производи, семиња и калеми од Албанија што останува за друго. Во Албанија во последните години многу се разви земјоделството, а селата заживејаа, додава Исмаили.
И останатите земјоделци се согласни дека овие мерки на Владата нема да ги вратат младите назад, дури и оние кои потекнуваат од село и кои имаат куќи од своите дедовци и прадеовци. Тие велат дека потребен е подолгорочен план од државата за развој на земјоделството за да може земјоделците да инвестираат за младите да останат во селата.
-Ова се атрактивни мерки, сите ги прават, а во Европа знаете дека за 20 евра можете да купите куќа во село во Италија, Франција и така натаму. Значи, ова се генерално добри мерки. Но, нема да биде доволно само да му се даде на човек земјиште, стара куќа, трактор, секое селско семејство има потреба од мешалка за бетон и машина за сечење дрва, да ги имате основните алатки за да можат да живеат. И второто нешто е семејството да одлучи, им треба училиште за своите деца, им треба градинка. Гледате, тоа е посложено, изјави Бобан Илиќ, генерален секретар за рурален развој и животна средина за Југо Источна Европа
Од власта, пак веруваат дека оваа мерка ќе ги мотивира младите луѓе да се вратат во руралните средини и да се занимаваат со развој на земјоделството.
-Веруваме дека ова ќе ги мотивира младите луѓе да се вратат во руралните средини и да го развиваат земјоделството и руралните средини. Но, секако, имаме и многу програми во областа на руралниот развој поддржани од Европската Унија и други фондови. Значи, сметаме дека тоа ќе даде резултати, но сепак треба да воспоставиме добри критериуми и услуги за нивно користење, вели Борче Серафимовски државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Законот предвидува 100 илјади евра за сите млади парови кои се преселуваат на село и стануваат земјоделци. Оваа финансиска поддршка од Владата треба да им помогне на младите луѓе да инвестираат во изградба или реконструкција на објекти, да купат земјоделска механизација, земјоделско земјиште или добиток. Главен услов за добивање на оваа поддршка е да не се постари од 40 години, да се занимаваат со земјоделски активности и да живеат во руралната средина во рамките на семејната фарма во следните 10 години. Доколку младиот пар не го исполни условот да живее и работи во селото 10 години, ќе мора да го врати целиот износ на обезбедената поддршка.
Б.С.