„Никој нема право да се повикува во име на сите Македонци или Албанци“: Дали Ахмети и ДУИ навистина се фактор за нестабилност?

од Nikola Popovski
353 прегледи

Фактор за нестабилност или политички фолклор? Ова е дилемата во јавноста откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети порача дека ако Уставниот суд го допре албанскиот јазик, плоштадите во Скопје ќе бидат полни и ќе се дестабилизира државата. Владата е децидна дека Ахмети е фактор на нестабилност во државата. „Навикнати сме да има воинствена реторика и да повикува на немири и нестабилност, но не е нешто сериозно“, одговори премиерот Мицкоски и коментира: „Не е мој стил да упатувам закани“. Од тоа што го зборувам најверојатно се загрижени политичките криминалци кои беа на власт изминативе години и децении, додава премиерот.

Од партијата од Мала Речица возвратија дека „Мицкоски се заканува на опозициските политичари, користејќи ја позицијата. Тоа е неприфатливо“.

„Доколку премиерот навистина е искрен во борбата против корупцијата, тој би го прифатил нашиот повик за независен и меѓународно посредуван процес на ветинг, кој ќе ги опфати сите партии и политичари, вклучувајќи го и него самиот. Само таков транспарентен и сеопфатен процес ќе и служи на демократијата и ќе создаде доверлива политичка клима за нашите граѓани“, велат од ДУИ.

Дел од аналитичарите сметаат дека „празни се зборовите“ на лидерот на ДУИ. Според Бесим Небиу, одамна се поминати времињата кога Ахмети можеше да се повикува на тоа дека сите Албанци застануваат позади него и неговата партија.

Бесим Небиу

-Евентуална одлука на Уставниот Суд за поништување на членови од Законот за јазици, секако ќе создаде тензии и поларизација на етничка основа, но тешко дека Ахмети ќе успее партиски да капитализира од таа ситуација, што е очигледно негова цел и намера, смета Небиу во изјава за „Локално“.

Аналитичарот смета дека во моментот само на ДУИ им се потребни предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што вели, очилгледно е дека не сака и не умее да биде опозиција.

-На сите други партии не им одговара тоа во моментот, пред се бидејќи премалку време е поминато од изминатите избори, дециден е Небиу.

На прашањето кој треба да се реформира, а кој сака да дестабилизира и дали затајуваат реформите под плашт на етничките наративи, соговорникот потенцира дека сите партии треба да се рефомираат и европеизираат, за да личат повеќе на европски, а помалку на балкански политички субјекти.

Од друга страна, екс-пратеникот Зуди Џелили смета дека никој нема право да се повика во име на сите Албанци или на сите Македонци, во однос на повикот на Ахмети. Тврди дека секоја партија треба да биде спремна да делува спрема состојбата каде се наоѓа, било како позиција или опозиција.

-Сегашната Влада на чело со премиерот рекоа дека сите закони треба да се почитуваат. Владата е свесна за правата на заедниците што ја сочинуваат Македонија како мултиетничка држава, посочува аналитичарот во разговор за „Локално“.

Зуди Џелили

Соговорникот објаснува дека Европскиот фронт нема право да се повика на проблемот со албанскиот јазик бидејки имаше доволно време да ги решат тие три-четири спорни членови од законот. Според него, „Уставниот суд и други државни институции се уште се управуваат од луѓе избрани од нив, па ете нека го решат проблемот“.

-Во претходниот мандат, посебно последните две-три години мнозинството беше во сериозна криза со бројките. За да преживее едвај имаше од 61- 67 пратеници, додека сегашното мнозинство има 78, со тенденција да има и две третини од вкупниот број пратеници што се доволно и за уставни измени, анализира Џелили.

Екс-пратеникот прашува од каде идејата да има предвремени избори.

-Зарем треба да се дозволи законот за избори или па политиката во дрзавата да биде Дедо Мраз и да ги исполни желбите на сите, знаејки дека парламентарните изборите ќе се оддржат за четири години. Сите треба да сфатиме дека треба да се реформираме бидејќи го губиме чекорот со другите соседни земји. Во Македонија нема место за деструктивни сили или партии кои сакат да го сопрат патот на земјата кон ЕУ. Враќањето во минатото не е добро за никого. Мислам  дека меѓуетнчките проблеми треба да останат во минатото оти таму им е местото. Македонија во иднина ја гледам како Швајцарија на Балканот, вели Џелили.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска беше запрашан дали има информации по најавите за дестабилизација.

-МВР будно ја следи безбедносната состојба во Македонија и спремни сме да одговориме на сите предизвици кои би биле пред нас во иднина, кажа министерот откако премиерот ги посочи ДУИ како фактор за нестабилност.

Најавите за дестабилизација и нестабилност од страна на политичката партија ДУИ за првиот човек на СДСМ е само дел од секојдневниот политички фолклор. Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во партиското седиште Венко Филипче вели дека нема простор за страв и паника, но доколку има такво нешто, тогаш институциите треба да истражат и анализираат.

-Сметам дека навистина, освен како секојдневниот наш меѓупартиски политички фолклор, навистина нема простор за страв и за паника. Доколку има, тогаш очекувам институциите соодветно да анализираат и да реагираат, пред сѐ безбедносните институции, Советот за безбедност и на крајот на краиштата, еве конечно нека се состане некое тело и да одговори после сеопфатна анализа на овие повеќемесечни наназад шпекулации дека такви закани по однос на стабилноста на земјата може да има. Значи, таков одговор треба да дадат соодвените институции во земјата, вели Филипче.

Тринаесет иницијативи за оценување на уставноста на Законот со кој албанскиот јазик се употребува рамноправно во сите општини и во органите на државната управа, на чело со Собранието и Владата, чекаат на одлука од Уставниот суд пет години.

Дел од иницијативите се однесуваат на материјално оспорување на Законот, како таа на ВМРО-ДПМНЕ, според која со тоа што Законот определува дека службен јазик во органите на државната власт еднаков на македонскиот, е и јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, промовира двојазичност, што е спротивно на амандманот 5 од Уставот. Дел од иницијативите пак ја оспоруваат процедурата на носењето на Законот, одосно тој не беше потпишан од тогашиот претседател Ѓорѓе Иванов, туку од претседателот на Собранието Талат Џафери.

Освен ВМРО-ДПМНЕ како партија, иницијативи за преиспитување на уставноста на Законот за употреба на јазиците имаа поднесено и партијата Левица, професорката од правниот факултет Татјана Каракамашива поддржана од 14 универзитетски професори и академици, како и граѓански здруженија, политичари, адвокати, но и обични граѓани.

Координативното тело на коалицијата ВЛЕН веќе  ја оцени како опасна и неприфатлива иницијативата за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците.

Во тензична и бурна атмосфера македонското Собрание во 2018 година го донесе Законот за јазици. Законот предизвика многу реакции во и надвор од парламентот. Со законот се предвидува во сите органи на државната власт, како централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии и правни лица што вршат јавни овластувања, службен јазик освен македонскиот јазик и неговото писмо, да биде и албанскиот јазик.

Н.П.

Слични содржини