Лос Анџелес Лејкерс беа елиминирани во првото коло од плејофот на Западната конференција, откако загубија на домашен терен со 96:103 од Минесота Тимбервулвс. Со овој четврт пораз и вкупен резултат од 1:4, заврши разочарувачката сезона за Лејкерси, прва во која заедно настапуваа две НБА суперѕвезди – Леброн Џејмс и Лука Дончиќ. По елиминацијата, јавноста и аналитичарите беа особено критични, а најгласен беше легендарниот Чарлс Баркли.
Во емисијата Inside the NBA отворено го нападна Дончиќ.
„Лука мора да се доведе во форма. Тој не може никого да чува“, изјави Баркли, додавајќи дека недостатокот на дефанзивни способности кај Дончиќ е сериозен проблем, без оглед на неговата напаѓачка генијалност.
Во студиото се отвори дискусија дека Дончиќ не може целосно да го изрази својот потенцијал во составот на Лејкерси, пред сè поради тоа што тимот нема вистински центар. Баркли, меѓутоа, остана на својата позиција:
„Не вреди да се доведе висок играч ако Лука не може да игра одбрана. Тој мора да научи да игра во двата правци и да се врати во физичка форма“, подвлече поранешниот НБА ас.
Да потсетиме, според неофицијални информации, една од причините зошто Далас Маверикс решија да го трејдуваат Словенецот оваа сезона, беше токму неговата физичка подготвеност, односно занемарувањето на телото и ограничената игра во одбраната.
Иако Дончиќ и Џејмс ја разгореа фантазијата на фановите за доминантен тандем, реалноста на теренот не ги исполни очекувањата. Лејкерси завршија уште една сезона со непостигнато шампионско амбициозно мото, а пред тимот сега стои прашањето, дали ова е само неуспешен експеримент, или почеток на поголема трансформација?