Министерството за одбрана почнувајќи од 01. јануари оваа година, во сетот на веќе исполнети ветувања за вистинска валоризација на напорите и трудот на припадниците на Армијата, придодаде уште едно исполнето ветување, соопшти Драган Николиќ, претседател на Комисија за одбрана на СДСМ.
„Со Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, за припадниците на Армијата утврдено е правото на надоместок при вршење на стражарска служба, дежурства, служба на посебни воени објекти, извршување на задачи во кризна состојба, гранично обезбедување и трупни патувања (теренски вежби, целодневни напорни теренски обуки и слично).
Овој надоместок се исплатува под услови пропишани со правилник, но како што е предвидено, тоа се активности кои траат повеќе од 24 часа, најчесто континуирано и повеќе денови, а начинот на извршување бара зголемен психички и физички напор. Тоа се обврски и активности кои, пред се, ги извршуваат професионалните војници и подофицери, а во помал број офицери“, вели Николиќ.