Николов: Скапата струја ќе го редуцира производството во рудниците на обоени метали, можно е и затворање на дел од нив

од Vladimir Zorba

Катастрофалните последици од континуираното покачување на цената на електричната енергија нема да ги одмине рудниците. Според поранешниот претседател на Македонската асоцијација на рударство, Николајчо Николов, во најтешка ситуација ќе бидат рудниците за обоени метали кои во споредба со другите се најголеми потрошувачи на струја.

„Моја лична проценка  е дека ќе има редуцирано, намалено производство во одредени рудници, па дури и затворање на некои капацитети“, вели Николов во интервју за „Локално“.

За  „преживување“ на пазарот  според него ќе се борат „Бучим“, „Злетово“, „Тораница“ и „Саса“. Во слична ситуација е и ФЕНИ Кавадарци која како што посочува Николов, веќе прави калкулации како да ја “протурка’’ годината. Во моментов не гледа голем „маневарски“ простор  бидејќи станува збор за рудници кои се снабдуваат со електрична енергија на отворен пазар, каде струјата е практично берзански производ.

Николов кој и досега во неколку наврати искажуваше забелешки во однос на отсуството на стратегија на државата во однос на рударството, како пропуштена шанса од голем формат го посочува постојаното одлагање на почетокот на отворање на рудникот  за јаглен кај Живојно.

„Доколку на време го отворевме барем надворешниот коп, ќе имавме поголема сигурност“, вели Николов што според него  во сегашното справување со енергетската криза би имало огромно значење.

Речиси и нема сектор кој не го почувствува “дивеењето’’ на цената на електричната енергија . Какви се последиците врз рударството? 

-Рудниците како и многу други сектори се зависни од цената на електричната енергија. Ќе  го наведам  колку за пример фактот дека цената на електричната енергија на почетокот на минатата година изнесуваше 50-60 евра за MWh, а сега таа цена е над 300 евра. Тоа значи дека е зголемена за пет до шест пати. Овој фактор значително влијае и тоа особено   врз  трошоците на рудниците за обоени метали , каде најголем потрошувач се погоните за флотација-дробење , мелење и преработка на рудата до готов производ , односно концентрат.Ако порано електричната енергија во цената на чинење на готовиот производ учествуваше со помалку од 20 % , сега тој износ е над 50%. На овој начин, економијата е доведена во прашање. Од друга страна, на почетокот на  минатата година имаше   благо покачување на цената на обоените метали на пазарот , но сега е таа во опаѓање, па оттука логично се наметнува прашањето како рудниците ќе успеат да ја поминат оваа година. Мое лично очекување е дека ќе има редуцирано, намалено производство во одредени рудници, па дури и затворање на некои капацитети.

Дали  претставниците на рударскио сектор го ставија овој проблем  на маса пред Владата, и какви мерки би  биле од помош?

-Поголем дел од рудниците се снабдуваат со електрична енергија на отворен, слободен пазар. Струјата е практично берзански производ, па оттука јас не гледам простор за помош од државата. Можностите се ограничени, а впрочем гледаме и со какви проблеми се соочуваат и помалите потрошувачи коишто се снабдуваат од домашниот пазар. Ако таму се  зборува за зголемување на цената на електричната енергија во проценти, тука се зборува за повеќе пати, за пет до шест пати, што ќе се согласите се ужасно високи бројки. Ја паметам кризата од 2008- 2009 г. година, и проценувам дека оваа може да биде уште полоша.На пазарот има електрична енергија , но нема кој да ја плати бидејќи е исклучително висока.

Можно ли е најлошто сценарио во кое огромните трошоци за струја  ќе бидат причина за затворање на одредени рудници и отпуштање на вработените? 

-Сигурно дека може. Кога зборуваме за рудниците треба да правиме категоризација, бидејќи најголем потрошувач на електрична енергија се рудниците за обоени метали.Во овој контекст, доведено е во прашање и функциониrањето на ФЕНИ Кавадарци бидејќи се снабдува со струја на слободен пазар, па оваа компанија веќе прави калкулација како да ја „истурка“ годината . Ситуацијата е многу тешка, особено бидејќи овојпат се соочуваме со чудна ситуација на пазарот. Доколку порано растот на цената на електричната беше следен и со зголемување  на цената на обоените метали, сега е обратно.  Веројатно се во прашање потребите во рамките на светскиот пазар, но сигурно дека на сите движења влијае и војната во Украина и редукцијата на природниот гас . Цела Европа е во процес на големо престројување, а ние како мала држава и мал потрошувач само ќе ги следиме последиците, воглавно негативните.

Кога зборуваме за рудници за обоени метали, кои капацитети влегуваат во овааа категорија ? 

„Бучим“, „Злетово“, „Тораница“ и „Саса“. ФЕНИ Каварадци произведува феро никел кој исто така припаѓа на таа индустрија.  Кај рудниците за мермер, јаглен и каменоломите е различен уделот на електричната енергија во споредба со рудниците за обоени метали каде тој е многу голем, и како што веќе реков тие ќе бидат многу погодени до крајот на годината. Оттука, кога се прашуваме што ќе правиме за време на зимата, треба да знаеме дека последиците веќе се чувствуваат.

Во ситуација кога „очајно“ ни треба јаглен за да се справиме со енергетската криза, познавачите на состојбите упатија низа критики поради фактот дека се уште не се отвори рудникот кај Живојно. Дали оваа пропуштена шанса е само уште една рефлексија на нашиот однос кон рударството и одсуство на стратегија? 

-Јас сум по природа оптимист, но во однос на ова прашање сум песимист.Фактот дека ќе имаме јаглен само до 2030 година е одамна познат. Не направивме ништо во однос на дополнителни истражувања и само зборувавме за алтернативна енергија за која од друга страна ништо не изградивме. Живојно е само еден од примерите за нашата лоша стратегија. Доколку на време се отвореше барем неговиот надворешен коп ќе имавме поголема сигурност и пред се извесност, односно сознание со што располагаме.Ние важиме за земја во која рудното богатство , меѓу кое јагленот е сеуште неистражено.Во меѓувреме , во светот се изменија критериумите. Во Германија се размислува за производство на електрична енергија со јаглен. Ние ги следевме модерните еколошки движења и заборавивме дека може да дојде до непредвидени кризи со кои треба да се соочиме на соодветен начин.

К.В.С.

Слични содржини