Американските царини од 15 отсто не се конечни, продолжуваме да преговараме. Преговорите ќе бидат интензивирани во втората половина на август, кога ќе завршат летните одмори. До крајот на септември ќе видиме која стапка ќе биде дефинирана, а според Министерството за финансии можеме да одиме до 10 проценти, рече денеска директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Како што истакна Николовски на прес-конференција, Македонија согласно сегашните 15 отсто царини е на ниво на цела ЕУ, додека во Швајцарија, на пример, стапката е 39 отсто.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази благодарност до САД за намaлување на царините за извоз на македонски производи во оваа земја од 33 на 15 отсто, но истовремено рече дека очекува во наредниот период оваа стапка дополнително да се намали.
„Ние сме од 33 проценти намалени на 15 отсто. Преговорите продолжуваат, во моментот се наоѓаме, ословно кажано, на пауза“, изјави Мицкоски одговарајќи на прашања ан новинарите по неговата посета на универзитетската Клиника за уво, грло и нос.
„Од она што го видовте како соопштение од страна на кабинетот на претседателот Трамп, ова е прва фаза, ова не е договор. Тој кажа дека до 1 август ќе ги објави новите царински стапки, односно не се ни царини, ова се трговски маржи“, додаде Мицкоски.