Николовски: Денешниот протест на пензионерите е политички инструиран, судијката Кацарска не може сама да ги намали пензиите

„Моделот на линеарно зголемување на пензиите не постои на Балканот и во Европа“, вели за „Локално“, Николовски од Партијата на пензионери

од Nikola Popovski
16 прегледи

Во понеделник во 11 часот со мирен протест пред Уставниот суд, пензионерите од цела држава ќе го изразат своето незадоволство од Уставниот суд каде деновиве со оценува законитоста на линеарното зголемување на пензиите. Пензионерите сметаат дека линеарното покачување на пензиите никого не дискриминира, туку им помага на оние со ниски пензии да опстанат. Сметаат дека никој не е оштетен со линеарното покачување.

Сепак од друга страна, Партијата на пензионери излезе со свој став во однос на најавениот протест и постапката пред Уставниот суд. Претседателот на ПП, Илија Николовски во изјава за „Локално“ вели дека протестот е политички инструиран, особено што, како што истакнува, ако ние се бориме за независно судство и постојано зборуваме, треба да го оставиме Уставниот суд да си ја заврши својата работа, стручно и професионално.

-Пензијата е економска категорија. Државата е должна да им обезбеди на сите граѓани пристоен живот, во тие рамки и на ранливите и социјално загрозените. Секоја држава има т.н. социјални пакети, пред Нова година може на одредена категорија на пензионери да им додели социјални пакети, К-15, да се плати дел од струјата итн, посочува Николовски.

Вели дека имаат имаат разбирање за жртвите на транзицијата и за стечајците, но не и за манипулациите.

-Моделот на линеарно зголемување на пензиите не постои на Балканот и во Европа. Во светот има мислам во Австралија, ама тоа е друго полувреме – таму сите поеднакво плаќаат и кога ќе дојде во пензија, им исплаќаат, објаснува првиот човек на Партијата на пензионери.

Уставниот суд кој минатата недела поведе постапка за оценување на уставноста на линеарното покачување на пензиите, веќе го демантирше премиерот Христијан Мицкоски кој од собраниска говорница, на пратеничко прашање од сопартиец, кажа дека имал информации оти била донесена одлука да се укине линеарното, кое во март треба да биде по 1.000 денари за сите пензионери. „Имам информации дека одлуката Уставниот суд веќе ја донел, а известителката на предметот, судијката Добрила Кацарска, ја потпишала“, рече премиерот и тврдеше дека 70 отсто од пензионерите ќе добијат помала пензија.

Според Николовски, ваквата изјава на премиерот е „апсолутно некоректна и непримерна“.

-Судијката Кацарка не може да ги намали пензиите, таа е само судија-известител во Уставниот суд. Судот тоа го одлучува. Оттаму директно кажаа дека нема да се чепка по досегашните усогласувања на пензиите од двапати по 2500 денари. Уставниот суд не може да ги намали пензиите, туку само да го поништи или укине членот од Законот. Државата е должна да се погрижи да не се намали куповната моќ на пензионерите. За жа, кај нас пензиите не го следат растот на платите, додава претседателот на ПП.

Фото: Партија на Пензионери

Имајќи во предвид дека постои група на пензионери со крајно минимални пензии, Партијата на пензионери подолг период се залага за донесување на Закон за минимална пензија со кој треба да им се обезбеди материјална сигурност на примателите на овие пензии.

-Поради тоа принципот на линеарно усогласување на пензиите, како и да звучи тоа во овој момент, го сметаме за “дискриминирачки” кон поголем број на пензионери и потенцијална закана за нарушување на пензискиот систем во иднина, а кој се надградувал повеќе од 80 години. За потребата да им се помогне на пензионерите со ниски пензии, ПП се залага за донесување на Закон за минимална пензија, со кој ќе се уреди минималната пензија да изнесува најмалку 70% од минималната плата, а просечната пензија до 60% од просечната плата. Паралелно, како дополнителна мерка, предлагаме од Буџетот на државата, од средствата наменети за социјална поддршка, да се издвојуваат средства за доделување посебен поединечен паричен додаток на корисниците на пензии кои не остваруваат други приходи освен пензијата, како што се додаток за годишен одмор, новогодишни пакети, покривање на дел од трошоците за електрична енергија и други соодветни финансиски механизми, велат од партијата преку соопштение.

Со овој предлог, додаваат оттаму, се исклучува потребата од менување (перманентно или времено) на Членот 37 од Законот за ПИО, со кој е уреден начинот на усогласување на пензиите, како и заштита на веќе стекнатите права на пензионерите, кои 40 и повеќе години ги плаќале редовно придонесите и данокот од плата, заради што добивале помала нето плата. Исто така спречува да се фаворизираат оние кои манипулирале со основицата за пресметка на придонеси за пензија и должината на стажот, како и кои придонеле за зголемување на обемот на сивата економија во земјата, а со цел лично богатење за сметка и на грбот на работниците.

-Партијата на пензионери уште еднаш потенцира дека пензијата е економска категорија која се остварува врз основа на износ на уплатени придонеси за ПИО и должина на стаж. Исто така истакнуваме дека законодавецот во методологијата за пресметка на првиот износ на пензија предвидел принцип на генерациска солидарност, врз основа на кој утврдениот износ, ако е помал од износот на минимална пензија, по сила на закон се усогласува до тој износ, како и дека со Законот за ПИО не се врши зголемување туку усогласување на пензиите сразмерно со порастот на трошоците на живот и порастот на платите.  Искрено се надеваме дека сите пензионери ќе сфатат дека краткорочните бенефити можат да придонесат за евентуални долгорочни проблеми за сите нас но и за сите идни генерации на пензионери а тоа се нашите деца и нивните поколенија, порачуваат од ПП.

Фото: Влада

Минатата недела, премиерот истакна дека според последната информација, судијката на Уставниот суд Кацарска ја потпишала одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите.

-Последните информации се дека веќе одлуката е донесена и потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот. И тоа само за информација значи дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец, поради оваа иницијатива на оваа судијка која е дел од Уставниот суд, рече Мицкоски.

Тој кажа дека ваквата одлука не е фер.

-Од аспект на фискален товар, помалку пари ќе даде Буџетот, но од аспект дали е тоа фер, не е фер, затоа што во време на транзиција кога малкумина олигарси го приватизираа и го разграбаа македонското стопанство или поголем дел го уништија, најголем дел од овие пензионери со ниски примања, 8.000, 9.000, 10.000 или 12.000 денари, се резултат на тој процес во времето на транзицијата. И затоа тие добиваат така ниски пензии. Целта на линеарното зголемување беше да се намали ХДИндексот, а да се зголеми стандардот на пензионерите и на тој начин да се намали степенот на сиромаштија, нагласи Мицкоски. Тој додаде дека нема да се зачуди доколку истата уставна судијка донесе одлука за одмрзнување на платите на судиите и обвинителите.

Фото: Уставен суд на Република Северна Македонија

Уставниот суд поведува постапка против линеарното зголемување на пензиите. Се оспорува членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од јули, годинава.

Оспорениот член 2 е всушност одредбата согласно која правото на редовното месечно усогласување на пензиите, направено врз основ на порастот на плати и трошоци за живот, се заменува со линеарна распределба на вкупниот износ на средствата за сите пензионери подеднакво, без оглед на стекната и остварена висина на пензијата, стажот и уплатениот придонес.

„Уставниот суд во оваа фаза од постапката, изрази сомнеж дека со оспорениот член 2, се нарушени уставните принципи на социјална праведност, еднаквост на граѓаните, правната сигурност и легитимните очекување како правни принципи. Имено, се поставува прашањето, дали оспорената одредба продуцира дискриминација по основ на износот за пензија и нееднаквост меѓу примателите на пензии, односно оние пензионери кои имале подолг работен стаж, повисоки уплати во пензискиот систем и повисока основица, добиваат помало зголемување на пензиите, наспроти пензионерите со пониските пензии“, се вели во соопштението на Уставниот суд. Со поведување на оваа постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, судот ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано.

Во однос на прашањата, дали Уставниот суд поведе постапка за сите линеарни покачувања кои досега беа исплатени на пензионерите, Судот уште еднаш ја информира јавноста дека нема да ги чепка претходните две, веќе исплатени покачувања по 2.500 денари (вкупно 5.000 денари), исто за секој пензионер.

Н.П.