Љупчо Николовски од СДСМ, кој во новата влада ќе биде вицепремиер за корупција, одржлив развој и човечки ресурси се обрати кон својот колега од опозициската партија, пратеникот и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев кој излезе со тешки обвинувања кон политичките противници:
„Колега Јанушев, зошто навреди, омраза, желба за поделби уште веднаш? Зар сметате дека вака одиме напред? Не е подобро да најдеме заеднички јазик и да истуркаме некои работи заедно, за добро на народот, да имаме некој национален консензус по одредени теми?
Разбирам дека ВМРО-ДПМНЕ не живее денови кои ги сака и заслужува. Знам дека сте соочени со внатрешни проблеми и превирања, но вака ли ќе се решат истите? Искрен и пријателски совет до сите колеги во опозициската партија, решете ги несаканите ситуации, фокусирајте се на тоа.
Дозволете да почнат вистински демократски процеси, нема друг начин да се оди напред. А потоа, владиниот состав и СДСМ како партија ја очекува вашата соработка, партнерство, заедништво, за да продолжиме по европскиот пат кој го трасиравме и за кој се согласуваме дека е вистинскиот
Имаме многу работа и многу предизвици пред нас. Ни треба стабилна и силна опозиција. Не ни треба хистерија, омраза и поделби. Сфатете го мојот збор пријателски, како што е наменет. Овој однос сигурно нема да ви донесе резултати“, напиша Николовски.