Николовски: Неприфатливо е барањето увозот на смрзнато свинско месо да биде со нула царинска стапка и без утврдени квоти  

од Vladimir Zorba
858 прегледи

Министерството за земјоделие не ги прифаќа барањата на Групацијата за производство на месо и преработки од месо, за менување на законската регулатива, укинување на царината и ограничување на увозот на смрзнато свинско месо.

Министерот Љупчо Николовски за „Локално“ вели дека  евентуалното прифаќање на, според него, не докрај разгледани и од стручната јавност потврдени предлози како долгорочно укинување со закон на царината за увоз на смрзнато свинско месо, може на подолг рок да ги стави во ризик сите од подсекторот свињарство, а со тоа да се влијае и на другите земјоделци, производители на јачмен, пченица и пченка.

За МЗШВ неприфатливо е увозот на смрзнато свинско месо да биде со нула царинска стапка и без уврдени квоти. Она што како министерство можеме да го разговараме е само во насока за утврдување на прифатливи квоти кои би биле ограничени временски при нула царинска стапка, или пак да се договори процент кој е прифатлив, што би значело намалување на процентот од 25%, договорен и прифатен од засегнатите страни, без да има во тој случај ограничување на квотите. Со предлогот би била задоволена потребата на преработувачката индустрија без да постои страв или пак можност за нарушување на домашното производство. Крајното решение треба да се најде заенички и партнерски, се со цел понатамошен развој на свињарството од една и искористување на потенцијалот на преработувачката индустрија од друга страна“, објаснува Николовски.

Според него Министерството со години активно вложува и го поддржува развојот на сточарството. Поддршката за преработувачите се обезбедува преку ИПАРД програмата која како што наведува, веќе ја искористиле седум препработувачки компании за свинско месо во вредност од 28 милиони денари а во тек е и последниот јавен повик од ИПАРД 2 програмата во висина од 8,8 милиони евра.

Од Царинската управа за „Локално“, посочуваат дека во рамки на распределените ингеренции, нивната надлежност е  при спроведување на увозната постапка да  проверуваат дали се издадени соодветни дозволи или согласности од релевантни инспекциски служби кои со издадената дозвола или согласност потврдуваат исполнување на пропишаните услови за увоз на конкретните прехрамбени производи.

Оттука, во слична насока е и одговорот на Царина во однос на дилемата дали  има простор за менување на законската регулатива?

Ние ги спроведуваме донесените закони кои регулираат материја поврзана со увоз или извоз на стоки. Креирањето на финансиската царинската политика е надлежност на Министерството за финансии преточени понатаму во законски решенија. Учеството на Царинската управа е делот на имплементација на законски донесените решенија во пракса. Намалувањето на давачките за увоз на сите видови стоки, вклучително и за бараните суровини за месната индустрија е законска материја и се спроведува со измена на Закон за царинска тарифа“, објаснуваат од Царинската управа.

Потребата од итни измени на законската регулатива  пред неколку дена ја посочија членките на  Групацијата за производство на месо и преработки од месо при Стопанската комора. Побараа продолжување на мерката или некој вид на трајно законско решение за намалување на царината на замрзнато свинско месо наменето за преработка и итно поставување еднакви услови за контрола и правила на игра за сите учесници на пазарот без разлика дали се домашни или увозни  компании.

Од групацијата за „Локално“ денеска рекоа дека досега ниту една институција не побарала средба и разговор со нив па оттаму и нивната дилема ако се донесат било какви мерки или законски решенија, истите да не бидат задоцнети.

К.В.С.

Слични содржини