Николовски се повлече од функцијата во СДСМ

од Nikola Popovski
284 прегледи

Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски си поднесе оставка од функцијата генерален секретар на СДСМ. Тој изрази посебна благодарност до сега веќе поранешниот претседател Зоран Заев и сите членови на партијата.

-Чесно и посветено одработив во тежок период за партијата. Денес СДСМ е најбројната, најмодерната, дигитализирана, динамична и европска партија. По 18 години, СДСМ и коалицијата победија на парламентарни избори минатата година. На претседателот Ковачевски и новото раководство им посакувам многу мудрост, единство, ангажман и чување на вредностите. Со ова оставам можност за избор на нов генерален секретар согласно концептот на претседателот Ковачевски. Во однос на неговиот понатамошен ангажман во политиката и општеството, оставам да покаже времето. Достапноста, чесноста, искрениот и одговорен пристап во работата, држењето до зборот и ветеното, поддршката и залагањето за добри дела за сите без поделби на граѓаните по било која основа остануваат клучни вредности и залагања при вршењето на било која позиција и одговорност. За идните планови секако ќе има време да се размисли и одлучи по празниците, стои во писмената оставка на Николовски доставена до СДСМ.

Претходно во текот на денот и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се повлече од функцијата потпретседател на партијата, најавувајќи дека нема намера да биде дел од новото раководство.

Вечерва на седница на Централниот одбор се очекуваат финалните одлуки за тоа како ќе изгледа новото раководство на партијата. Од информациите кои доаѓаат, новиот претседател Димитар Ковачевски ќе прави спој на повеќе генерации партиски членови.

Слични содржини