Николовски: Винскиот сектор во Македонија доживува револуционерен развој

од Vladimir Zorba
2,2K прегледи

Бројките покажуваат дека за првите шест месеци од годинава е извезено наливно и флаширано вино во вредност од 40 милиони евра. За цела 2022 г. пак е направен девизен прилив од 60 мил.евра. Ваквите показатели се доказ дека државата се грижи за лозарите и винариите , задоволно коментира министерот за земјоделство, Љупчо Николовски во интервју за Локално.

За седум години на лозарите и винариите им е исплатена поддршка во износ од 90 мил. евра. Ова доволно зборува зошто посветуваме посебно внимание токму на овој сектор и  ги опрадува сите пари кои сме ги исплатиле кон лозарите и винариите низ годиниве наназад, потенцира Николовски и најавува дека освен поддршка за лозарите за произведено винско грозје, помош ќе добиваат и производителите на трпезно грозје.

Со новиот модел за субвенционирање, лозарите до крајот на годината ќе ги добијат и 30% или 12.000 денари авансна исплата на субвенциите за 2023 г., додека остататокот од 28.000 денари, традиционално како и секоја година ќе им се доисплати во февруари за празникот Св. Трифун, вели Николовски.

Со законот за вино пак кој е во процедура, освен што ќе се врши задолжителна евиденција на површините под лозови насади и произведени количини, ќе даде решение и за откупната цена.

„Новиот закон содржи јасни одредби по кој треба да се утврдат производствените трошоци за произведеното грозје, за да може да биде дадена препорачана минимална откупна цена на грозјето. Исто така законот предвидува и одредби со кои се обврзуваат откупувачите да дадат 25% повисока цена при откупот од утврдената производствена цена на грозјето“, смета тој.

Вкупниот остварен девизен  прилив од извоз на вино минатата година изнесуваше 60 милиони евра. Какви се проекциите за оваа година, особено ако имаме предвид дека родот е преполовен?

Ние како држава во 2022 година имаме остварен девизен прилив во вредност од скоро 60 милиони долари. Овие успешни резултати на нашата држава се потврдени и од страна на World Top Export кој за 2022 година нашата држава ја позиционира во првите 15- држави во светот на скалата по девизен прилив пресметан во долари. Ова се одлични резултати за една мала земја како нашата која се натпреварува со далеку поголеми држави.

Нашата анализа покажа дека низ годините наназад ние сме успеале да го одржиме производството и површините со лозови насади, а при тоа да ја зголемиме вредноста на извезеното вино.

За пример, во 2021 и 2022 сме извезле отприлика иста количина вино но, во 2021 имаме околу 50 милиони евра а во 2022 околу 60 милиони девизен прилив, значи 10 милиони евра повеќе за една година.  Ова се должи на зголемениот квалитет на виното и зголемениот извоз на вино во шишиња, како и на многуте нови брендови кои ги освојуваат странските пазари. И во тој правец треба да продолжиме, да го зголемуваме квалиетот на произведено винско грозје за да имаме уште поквалитетни вина. Податоците пак за 2023 година, заклучно со 30.06.2023 година покажуваат дека извезени се вкупно 462.725 хектолитри наливно и флаширано македонско вино, во вредност од скоро 40 милиони евра. Овој податок кој е само за првите шест месеци од годината ни дава за право да очекуваме повторување на успешниот девизен прилив од извозот на македонското вино и оваа година.

Во изминатите седум години од 2016 до 2022, ние како министерство за лозарите и винариите сме исплатиле околу 90 милиони евра, поддршка по разни основи, а го видиме девизниот прилив може да кажеме дека само во една година сме вратиле назад во буџетската каса две третини од овој износ. Ова доволно зборува зошто посветуваме посебно внимание токму на овој сектор и  ги опрадува сите пари кои сме ги исплатиле кон лозарите и винариите низ годиниве наназад.

Македонското вино е нешто со што се гордееме. Најдобар промотер на нашата земја, најгласниот и најдиректниот маркетинг за нашата земја. Јасно и силно го рефлектира успехот на нашата стратегијата, со што винскиот сектор доживеа револуционерен развој. Ние денеска зборуваме за над 200 винарии, а само пред неколку години беа триесетина. Денеска македонското вино е високо позиционирано на винската мапа.

Дали и колку се лозаропроизводителите задоволни од овогодинешната цена на винското грозје и кој е нејзиниот просечен износ?

Уште пред почетокот на бербата како министерство заедно со подсекторската група за вино и грозје ги започнавме првите анализи и проекции на годинешната берба. Просечната откупна цена на винското грозје оваа година се движеа од 18 денари за вранецот и 16 денари за смедеревката, па така на овие средби лозарите не изразија никакви незадволства од откупната цена на винското горозје за оваа година.

Она што заедно со подсекторската група за вино и грозје во оваа берба го утврдивме како проблем е новиот предизвик, поради климатските промени кои пролетва предизвикаа многу дождови и придонесоа да се развијат услови за појава на болести како пламеница и пепелница, кои направија големи штети врз лозовите насади. Од овие причини годинава родот е намален и со послаб квалитет.

За нас како министерството винарствотото и лозарството се еден од најзначајните сектори и упатуваме јасна порака дека ниту еден лозар нема да биде оставен сам.

Веќе пред лозарите и подсекторската група, како министерство, најавивме мерка за поддршка на секој еден лозар за произведено винско, но и за прв пат, со поддршка и за прозиведено трпезно грозје и тоа по најмалку 12.000 денари по хектар. Предлог кој веќе го разговаравме со лозарите и за кој имаме поддршка од самите лозари за поддршакта која би ја дала министерството биде по хектар произведено грозје, а дополнително во текот на овие денови министерството со лозарите треба да ја допрецизира мерката утврдувајќи ја сумата за поддршка. Ваквата мерка по хектар произведено винско и трпезно грозје е фер решение кое ги опфаќа сите лозаропроизводители.

Дополнително со новиот модел за субвенционирање лозарите до крајот на годината ќе ги добијат и 30% или 12.000 денари авансна исплата на субвенциите за 2023 година, додека остататокот од од 28.000 денари, традиционално како и секоја година ќе им се доисплати во февруари за празникот Св. Трифун.

Сакаме да потенцираме дека со новиот модел за субвенционирање токму лозарството е гранка каде нема услов за минимални количини на произведено и набрано грозје, па така сите лозари независно од тоа колкава количина грозје произвеле, ќе ги добијат преостанатите 28.000 денари со поднесена изјава.

Во ситуација кога квалитетот на македонското вино е зголемен, има многу нови брендови, а расте и извозот на вино во шишиња, со нетрпение се очекува донесувањето  на новата десетгодишна стратегија за овој сектор. Кој ќе биде вклучен во нејзиното изготвување и кога треба да се донесе?

Како предлог на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата уште во месец септември на владина седница ја донесе Националната стратегија за развој на винарството и лозарството 2023-2033 и истата е веќе објавена и во Службен Весник.

Десет годишната стратегија е подготвена заедно и во соработка со стручната јавност, здруженијата на земјоделци и винариите. Активностите за изготвување на овој стратешки документ отпочнаа уште во 2019 година, изготвувајќи екпертско истражување за состојбите со лозарството и винарството. Потоа продолжија со формирање на работна група составена од претставници на сите засегнати страни, кои треба да дадат придонес во изготвувањето на овој значаен документ, која пак работна група на низа работилници и дополнителни истражувања и анализи го изготви финалниот документ, кој беше јавно достапен за расправа.

Главна стратешка цел на десетгодишна стартегија за развој на винарството и лозарството е зајакнување на конкуретноста на македонската винска индустрија во делот на лозарството и винарството, со цел искористување на целосниот потенцијал на индустријата, да стане препознатлив вински бренд на регионалните и интернационалните пазари, преку фокусирање на локални сорти и поднебјата за истакнување на нивните најдобри карактеристики.

За реализација на поставената стратешка цел од Националната стратегија урврдени се следните стратешки приоритетни цели, како интеграција на чинителите во секторот, модернизирање на секторот, зголемување на препознатливоста на македонското вино на надворешните пазари и зголемување на извозот на различен опсег на пазари, развој на винскот туризам и мерки за заштита од климатски промени обезбедувајќи одржливост и зачувување на биодиверзититетот во лозовите насади.

Според поставените приоритетни цели во оваа Национална стратегија за развој на винарството и лозарството, крајниот резултат кој сакаме да го постигме е да имаме зголемување за 50% во литри и евра на извозот на вино во шишиња, зголемување за 10% на вредноста на наливното вино во евра, воспоставување на најмалку три заштитени географски ознаки, минимум 10% од виното пуштено во промет да носи географска ознака до крајот на 2033 година, за минимум 30% обновуање на лозовите насади и зголемување за 5% на површината под лозови насади и 4% од лозовите насади да произведуваат органско сертифицирано винско грозје.

Исто така како резултат на оваа десет годишна стратегија треба да произлезат селектирани клонови за Кратошија, Вранец и Станушина, да има јавно достапен и функционален дигитализиран лозарски катастар и развиен вински туризам со 15% зголемен број на посети во винарските визби до крајот на 2033 година.

Сите овие резултати ќе бидат постигнати преку имплементација на цел сет мерки содржани во стратергијата, а кој преку прецизен Акциски план детално би биле разработени со прецизни рокови за реализација.

Се бара и стратешки инвеститор за винарската визба „Повардарие”, за таа повторно да откупува грозје следната година. Колкави се шансите за оваа можност?  

-Проблемот со винарската визба”Повардарие” беше еден од големите наследени проблеми од претходната власт и проблем кој директно ги погодуваше лозарите. Како министерство и Влада се зафативме со решавање на овој голем проблем во интерес на лозарите, па така во 2017 година исплативме 2 милиони евра, средства со кои го расчистивме долгот кон лозарите за неисплатеното винско грозје во винарските визби Повардарие и Стефани. Што се однесува до тоа дали има можност за да се најде стратешки инвеститор за оваа винарска визба и нејзино повторно отворање, секогаш постојат. Ние како министерство сме посветени на ова прашање, но сепак станува збор за еден посложен процес за кој до скоро време се водела и судска постапка. Она за што ние како министерство сме задоволни е дека по судската постапка се успеа да се задржи целината на винарската визба Повардарие што дава можност повторно да се активира оваа винарска визба. Денес винарската визба Повардарие е поголем дел во приватна сопственост, со помал дел на државна сопственост. Ние како министерство заедно со приватниот сопственик на Повардарие заедно работиме во изнаоѓањето на стратешки партнер кои би бил заинтересиран купување и повторно активирање на оваа винарија.

Децениски отворени прашања се одредувањето  на производствени цени за килограм грозје и времето на објавување на тие цени според шеќерни единици.Како може тие да се затворат?

-Преку конкретни мерки и политики што како министерство сите овие години од 2017 година сме ги преземале во дело сме докажале дека водиме искрена грижа за секој еден земјоделец и дека токму винарството и лозарството ни е еден од секторите кои ни е високо во поставените приоритети.

Подготвивме целосно нов закон за вино, кој е во владина процедура и за кој очекувам многу брзо да се најде како предлог и пред пратениците во Собранието.

Новиот закон за вино ќе се  усогласи со сите основни одредби на европското законодавство кои го регулираат пазарот на грозје и вино и се релевантни за Република  Северна Македонија. Имено, за следење и правилна алокација на производниот потенцијал, како и гарантирање на географското потекло на виното, Законот за виното воведува задолжителна евиденција на површините под лозови насади и произведените количини преку националниот регистар на лозови насади и системот на задолжителни декларации. Покрај тоа, законот во целост ги вградува енолошките средства и постапки кои се применуваат во Европската унија за лозарската зона III-C-b, методите за анализа и утврдување на составот на виното кои се применуваат во ЕУ и се преземени од Меѓународната организација за лозарство и вино (ОИВ), како и правилата за етикетирање и презентација на вината кои важат на ниво на ЕУ.

Овој нов предлог Закон за вино е на страна на лозарите и решава уште еден проблем на лозарите, а тоа е откупната цена. Новиот закон содржи јасни одредби по кој треба да се утврдат производствените трошоци за произведеното грозје, за да може да биде дадена препорачана минимална откупна цена на грозјето. Исто така законот предвидува и одредби со кои се обврзуваат откупувачите да дадат 25% повисока цена при откупот од утврдената производствена цена на грозјето.

К.В.С.

Слични содржини