Николовски за евентуален економски удар поради конфликтот на Блискиот Исток: Македонија располага со алатки за амортизирање на ценовни шокови, состојбата не смее да се злоупотребува

„Фокусот не смее да биде на стихијна реакција, туку на градење отпорност и намалување на ударот врз граѓаните“, вели за „Локално“ екс-директорот на Агенцијата за енергетика

од Nikola Popovski
43 прегледи Фото: Архива

Кризата на Блискиот Исток направи потрес на берзите. Скокнаа цените на нафтата, гасот и на златото. Нафта има, но прашање е по која цена ќе се продава, се заканува да достигне и 100 долари за барел, а тоа ќе предизвика сериозен удар врз светската економија. Кризата на Блискиот Исток се заканува да предизвика глобален економски шок, па оттаму и во Македонија. Се стравува дека повисоката цена на нафтата може дополнително да ја засили инфлацијата во земјава.

За дел од експертската јавност, разбирлив е зголемениот интерес на јавноста кон можните сценарија за цената на нафтата, затоа што нафтените деривати се тесно поврзани со животниот стандард на граѓаните. Освен што сите ги користиме за транспорт и индустрија, тие се вградуваат и во финалната цена на производите на пазарот — што директно влијае на тоа колку ќе платиме како потрошувачи. Според експертот за енергетика и екс-директор на Агенцијата за енергетика, Дарио Николовски, цената на нафтата и нафтените деривати се диктира од глобалниот однос меѓу производството, снабдувањето и побарувачката. Вели дека има најави како ОПЕК+ ќе го зголемат производството, но нападот на најголемата рафинерија во Саудиска Арабија и последните информации за затворање на Ормускиот теснец – стратешкиот морски премин преку кој транзитира околу една петтина од светската трговија со нафта, упатува на тоа дека снабдувањето ќе биде отежнато со што геополитичките состојби на Блискиот Исток отвораат нови ризици.

-Секое нарушување на безбедноста или ограничување на пловидбата низ овој коридор веднаш создава промени на пазарите. Последните ескалации околу Иран доведоа до намалување и застој на дел од бродскиот сообраќај во регионот, поради што цените на суровата нафта реагираа нагоре. Во изминатите денови, цената на „Брент“ повторно се искачи над 80 долари за барел — што претставува највисоко ниво во последниве месеци. Аналитичарите предупредуваат дека доколку дојде до подолготрајна блокада или дополнително заострување на состојбата во и околу Ормускиот теснец, можни се и нови ценовни притисоци на глобалниот енергетски пазар. Затоа состојбата треба да се следи внимателно, а државниот одговор мора да биде координиран, добро планиран и транспарентен. Фокусот не смее да биде на стихијна реакција, туку на градење отпорност и намалување на ударот врз граѓаните и економијата, вели Николовски за анализа за „Локално“.

Според него, клучно е да се потенцира дека државата располага со алатки за амортизирање на ценовни шокови. Таа улога се остварува преку фискалната и енергетската политика — преку навремено планирање и создавање механизми што обезбедуваат отпорност на надворешни шокови.

-Во рамки на постојните економски механизми, државата има инструменти со кои може да делува во случај на ценовни притисоци: Скалеста акциза — кога цените достигнуваа одредени нивоа, акцизната давачка што ја прибира државата се намалува, со цел да се ублажи крајната цена што ја плаќаат граѓаните. ДДВ-политика — исто така може да претставува инструмент за краткорочна интервенција, доколку фискалниот простор го дозволува тоа. Овие мерки ја покажуваат важноста на флексибилната фискална политика како средство за ублажување на енергетските шокови. Покрај тоа, кога снабдувањето е загрозено — на пример при прекини во работењето на големи рафинерии или тешкотии во транспортните рути — позитивен фактор за нашата држава е функционалноста на продуктоводот Солун – Скопје, како и можноста за користење на стратешките нафтени резерви, чии количини може да се ослободат на пазарот во случај на недостиг или драматични флуктуации. Во услови на потенцијална криза што би се прелила и кај нас, институциите мора јасно и навремено да ги информираат граѓаните за мерките што ги преземаат. Како општество сме чувствителни кога довербата во системот е доведена во прашање. Токму затоа, постојано следење на состојбата, навремено известување и отворена комуникација се клучни за да се спречат шпекулации и непотребна паника. Состојбата не смее да се злоупотребува, апелира соговорникот.

Доколку дојде до, додава тој, нагол и неоправдан раст на цените на финалните производи, надлежните регулаторни и антимонополски институции треба да реагираат во рамки на своите овластувања и да спречат нелојална ценовна пракса.

-На потег е државата — преку механизмите со кои располага и согласно својот институционален капацитет — да обезбеди стабилност и да ги заштити граѓаните од непотребни економски шокови, заклучува Николовски.

Завчера уште во утринските часови поцрвене МБИ-индексот на Македонската берза. Во 11 часот тој покажа пад од 0,3 проценти. Малопродажната цена на бензините се зголеми за 1 денар, достигнувајќи 74,5 за БС-95 и 76,5 за БС-98. Цената на дизелот остана непроменета, а на мазутот се зголеми за 1.022 денари. За да нема драстични, туку постепени промени на цените, ако продолжи тенденцијата на берзите, од Регулаторната комисија за енергетика посочуваат дека ќе има, ако треба, и секојдневни корекции. РКЕ, при утврдувањето на малопродажните цени на нафтените деривати, ги вклучува во пресметката берзанските цени на нафтените производи во изминатиот петдневен период, објавени на „Platt’s European Marketscan“, како и движењето на курсот на доларот во однос на денарот во изминатиот петдневен период и акцизата. Формирањето на крајната цена зависи од гореспоменатите елементи, кои, пак, зависат од дневната понуда и побарувачка, начинот на управување со резервите и нивното пуштање во промет, но и од одлуките на ОПЕК – дали ќе се зголеми производството или, можеби, ќе се пуштат резерви на нафтени деривати во оптек.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Совет за безбедност на Македонија соопшти дека институциите располагаат со информации за растечкиот број македонски државјани кои се наоѓаат во регионот погоден од безбедносната криза и дека тие се во постојан контакт со надлежните органи. Освен безбедносниот аспект, на седницата биле разгледани и можните економски импликации, вклучително и прашањето на снабдување со енергенси. Претседателката посочи дека интерконекторот со Грција е во функција, а законските обврски за резерви на нафта од 40 до 90 дена се исполнети. Врз основа на презентираните податоци, таа изрази уверување дека во моментов нема причини за дополнителна загриженост.

Н.П.