Николовски за мигрантските кампови: Нелегалната миграција не е ниту нов ниту еднократен процес и со неа ќе треба да се справуваме долгорочно – државно, регионално и континентално

Николовски за Самитот во Велика Британија: До донесувањето на уставните измени остануваме во место, без оглед на тоа дали претставниците на државите од регионот ќе се сретнат во Лондон, Париз, Берлин или Скопје

од Nikola Popovski
209 прегледи

„Нашите евроинтеграции се проектирани со Преговарачката рамка. Берлинскиот процес е алатката на ЕУ која го поддржува нашето и регионалното интегрирање во Унијата, со свои финансиски инструменти меѓу другото. Значи ние до донесувањето на уставните дополнувања остануваме во место, без оглед на тоа дали претставниците на државите од регионот ќе се сретнат во Лондон, Париз, Берлин… или Скопје. Преговарачката рамка е нашата дефинирана патека и нејзиното исполнување ќе не води напред“, вели во разговор за „Локално“, Филип Николовски, член на Претседателството на Движењето Нова Република за патувањето на владината делегација во Велика Британија за учество на Берлинскиот процес и како таа помогна за придвижувањето на нашиот евроинтегративен пат.

Прашањето за населување на мигранти на Балканот веќе беше одбиено од Албанија, Црна Гора го услови со вложување на милијарди во железница, Косово е отворена за соработка, додека кај нас најголемата владеачка партија ВМРО-ДПМНЕ негираше такво нешто. На прашањето колку потпишаните договори со различни британски консултантски фирми и други компании, како и претходниот договор за заем од 5 милијарди фунти значи дека договорот за населување мигранти е реален, Николовски вели дека треба да ги разграничиме нештата.

-За ова прашање се разговара со сите земји од регионот. Нелегалната миграција не е ниту нов ниту еднократен процес и со неа ќе треба да се справуваме долгорочно – државно, регионално и континентално. Надворешното задолжување е инструмент кој ако се користи разумно и инвестициски одговорно – може да ја запре деиндустријализацијата на Северна Македонија и да го зголеми животниот стандард. Затоа интересно е што Обединетото Кралство е гарант на кредитите, но тие не се ставени “на рафт” за со нив Владата да се служи по потреба, како што тоа беше случај со унгарските. Значи времето “Ние “А” – странците “На” – заврши, истакнува Николовски.

Околу прашањето за евентуални мигрантски кампови во земјава, соговорникот додава дека „интересно е како се што зборуваше Мицкоски пред да стане премиер, а сега мора да го порекне, вербално и практично“.

-Кога водите политика да им се допаднете на сите – на крајот нема да му се допаѓате никому. Изборните резултати од 2024 и 2025 тоа им го потврдија на сите традиционални партии, без исклучок, истакнува членот на Претседателството на Нова Република.

Според него, сите кредити (еден од нив е британскиот) не мора да се условени, но секако се поврзани со целите на заемодавачот и потребите на корисникот.

-Досега кредитите во значаен дел ги земавме за непродуктивни цели, а штетите се генерациски. Потенцирам дека доколку станевме членка на ЕУ со Агендата 2000, заедно со Словенија, а пред Бугарија, Романија и Хрватска како што ни беше понудено пред триесетина години – сега немаше да зборуваме на овие теми. Да резимирам: што подолго си ги одлагаме обврските и си ги саботираме ЕУ интеграциите – толку потешки и поскапи ќе ни бидат следните предизвици. Одговорноста за тоа сега ја носи Владата и нејзините партнери во мнозинството и парламентарната „опозиција“, заклучува Николовски.

Фото: Официјален Фејсбук профил на Христијан Мицкоски

Од Лондон, вели Мицкоски, носи инвестиција вредна 150 милиони долари која ќе донесе нови 1.000 вработувања. На веб сајтот на компанијата Бурсток веќе е поставено македонското знаме заедно со уште неколку знамиња на држави од Арапскиот залив откако премиерот и директорот на компанијата Бурсток, Џорџ Басби потпишаа меморандум за соработка и инвестиции во наменската воена индустрија во Македонија.

Компанијата според достапните податоци на веб сајтот функционира како инвестициско-консултациски фонд во одбранбенбата индустрија, но и во поморскиот и воздухопловниот комерцијален сектор. Канцелариите на Бурсток се во Лондон и во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.

СДСM не престанува со лаги, соопштија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од „Бихаќка“ дека премиерот Христијан Мицкоски при престојот во Лондон се согласил во Македонија да се изградат кампови за мигранти.

„Лага и на денешната прес-конференција. И после едвај 120.000 гласови добиени додека е на пат на пасокизација, да ја доживее судбината на левата грчка партија која се распадна, СДСМ продолжува со истите глупости и измислици. Граѓаните ви кажаа што мислат за ваквите ваши глупости. Со лаги како оваа не се добива доверба кај граѓаните“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

„Прочитани сте. Реформирајте се, ставете прст на чело, погледнете се во огледало и престанете да правите штета на државата и како опозиција со истите и повторно истите бесмислености“, предупредува ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ на прес-конференција истакна дека македонската Влада избегнува да даде одговори на клучните прашања „кои го потресуваат регионот“, а тоа е дали и што е договорено во однос на прифаќањето на мигранти и отворањето на мигрантски кампови во Македонија. Според портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, „Мицкоски одбил да разговара на оваа тема со реномираниот медиум „Тајмс“ и дал само штур одговор за македонската национална телевизија“.

Н.П.

Слични содржини