Европската интеграција на Македонија, според поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски, одамна е влезена во ќор-сокак од кој излезот не може да се бара со козметички потези, туку само со радикална промена на пристапот кон Брисел.
Во разговор за „Локално“, Никовски оценува дека сегашниот модел на евроинтеграции е практично исцрпен и дека државата нема реална шанса да стане членка на Европската Унија доколку продолжи по истиот пат, без јасни рокови и со постојано прифаќање нови услови.
Тој смета дека Македонија веќе нема простор за тактизирање и дека мора суштински да го преиспита својот однос со Европската Унија.
Според него, без радикален пресврт, членството останува само декларативна цел, без никаква практична перспектива.
Во таа насока, Никовски е дециден дека идејата за нов, трет протокол со Бугарија не само што нема да донесе напредок, туку претставува илузија што не води никаде. Како што нагласува, Софија никогаш нема да прифати вакво решение, а вистинскиот проблем останува недопрен.
Единствениот излез од состојбата во која Македонија, како што вели, самата се довела, Никовски го гледа во откажувањето од вториот протокол со Бугарија.
Сè друго, според него, е губење време. Тој оценува дека бугарската политика кон Македонија не е ниту нова, ниту привремена, туку стратегија стара повеќе од еден век и пол, која нема да се смени ни во наредните децении, освен ако Македонија не успее да наметне поинакви услови.
– Во сегашните околности, Бугарија нема да дозволи Македонија да влезе во Европската Унија како држава со македонски јазик и македонски идентитет – дециден е Никовски.
Говорејќи за т.н. „црвени линии“, тој смета дека тие веќе се поминати со прифаќањето на преговарачката рамка.

Фото: Х/Принтскрин
Според него, доколку државата се повлече од вториот протокол, автоматски паѓаат и рамката и ултиматумот поврзан со уставните измени, со што процесот би се вратил на почетна позиција.
Тој не ја исклучува можноста за краткотрајни реакции и притисоци, но смета дека тие брзо би стивнале, затоа што аргументите, како што вели, се на страната на Македонија.
Во однос на можните договори за прием на мигранти од Велика Британија или други европски земји, Никовски е категоричен дека такви аранжмани не смеат да се дозволат. Според него, тие не ја зајакнуваат европската перспектива на државата, туку создаваат дополнителен товар за земја која и онака се наоѓа надвор од Унијата и без јасни гаранции за членство.
Никовски предупредува дека, доколку Европската Унија не понуди јасна, заштитена и предвидлива патека за проширување, Македонија ризикува да остане заглавена во долгорочна политичка и институционална неизвесност.
Сепак, тој смета дека алтернативи, во вистинска смисла на зборот, не постојат. Според него, откажувањето од вториот протокол е единствениот потег што може да отвори нова страница, дури и по цена процесот да започне од почеток.
– Пораката што денес треба да им се испрати на граѓаните, а особено на младите кои сè почесто ја доживуваат европската иднина како недостижна, е јасна, но и горчлива. Македонија треба да направи сè за да стане членка на Европската Унија, но без да го загуби достоинството. Од друга страна, Унијата уште долго време нема сериозно да се проширува, и токму тука е суштинскиот проблем. Алтернатива не постои, но начинот на кој се оди кон таа цел мора да се промени – објаснува Никовски.
Б.Т.