
Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ имаше доста лесен пат кон полуфиналето во Австралија Опен 2019, откако противникот Кеј Нишикори немаше физички сили за отпор и се откажа по 1:6, 1:4 по само 49 минути престој на теренот.
Во меч за место во финалето, Ѓоковиќ ќе има непознат противник на такво високо ниво – Лука Пуј, кој претходно го елиминира со 7:6 (4), 6:3, 6:7 (2), 6:4 Милош Раониќ и за прв пат во кариерата дојде до претпоследната фаза на турнир од „големата четворка“.
Ноле и 24-годишниот Французин ќе излезат на теренот во 09:30 часот во петок. Другиот полуфинален меч е меѓу Рафаел Надал и Стефанос Циципас.
„Имавме толку битки против Кеј, четвртфинале, полуфинале. Тука се среќаваме по втор пат. Жал ми е за него дека заврши така. Се надевам дека не е сериозно и тој ќе се опорави побрзо. За мене пак се случи така, како што лекарите би препорачале. По тешкиот натпревар пред два дена (речеи три часа и половина против Даниел Медведев) најдобро беше да не поминам многу време на теренот денес. Се чувствувам добро физички. Веќе сум во полуфиналето и ќе дадам се од себе за да се подготвам максимално добро“, рече Ѓоковиќ.
Во однос на неговиот противник за место во финалето, Лука Пуј, Србинот очекува голема битка.
„За него е прво полуфинале, но тој покажа дека може да игра успешно против најголемите. Очекувам да биде самоуверен и да даде се од себе. Ништо нема да дојде лесно“, рече Ѓоковиќ.