Централните власти се чини немаат план Б како да ја решат правната пат-позиција во која западна проектот за изградба на регионална депонија во југозападниот дел од земјава. Откако граѓаните и локалната власт во општина Дебарца жестоко се спротивставија на идејата на нивна територија да се гради ваква депонија, новиот министер за екологија, Насер Нуредини, бара трпеливост за да се најде решение.
„Има тековни дискусии и има општини во секој регион кои треба да бидат убедени каде да има станици за трансфер и главни депонии. Имаме национален план и работиме на дополнителни разработки на планот. Ја разбирам итноста од аспект дека ова треба да се направи што е можно поскоро, но ве молам разберете дека е потребно да се помине таа процедура“-изјави Насер Нуредини, министер за животна средина.
Но, граѓаните од овој дел на Македонија, а особено од општините Охрид и Струга, немаат време за чекање. Локалните депонии Буково и онаа на влезот на Струга каде сега времено се складира отпадот, треба да се затворат следната година согласно барањата на УНЕСКО. А, во ниту еден од регионите во државава не е изградена современа регионална депонија. Дополнителен проблем, велат од Програмата за развој на Обединетите нации, се и комплицираните процедурите за нивна изградба.
„Кога станува збор за постапките тие се многу несмасни… Понекогаш имаме процедури кои се во судир и тоа е многу тешко да се надмине. Се надевам дека тоа искуство ќе ù помогне на Владата во иднина да постапува побрзо со останатите закони“-рече Нарине Сахакјан, УНДП.
Од Југозападниот плански регион предупредуваат дека е сè поизвесно оти целата постапка за тамошната регионална депонија ќе мора да почне од почеток.
„Како што имам информации вратена е од почеток постапката. Првата траеше околу две години, што подразбира повторно предлагање на локации, а локациите се предлагаат врз основа на претходни испитувања, геомеханичка структура на земјиште, оддалеченост од населени места, а согласно европски критериуми“-изјави Мирјана Лозаноска, директор на Југозападен плански регион.
А, минатиот месец Второстепената владина комисија ја прифати желбата на општината Дебарца против изградба на регионалната депонија, по што целиот проект би требало да се врати на повторно разгледување./Alsat M