Ниту еден советник од СДСМ не ја напуштил советничката група во Аеродром, порачаа од владеачката партија

од Nikola Popovski
266 прегледи

Координаторот на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на општина Аеродром, Милутин Ристески, ги демантира написите на одредени медиуми, дека советници од СДСМ ја напуштиле советничката група. Според него, ниту еден советник од СДСМ не ја напуштил советничката група на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ од почетокот на мандатот.

-Советничката група на коалицијата предводена од СДСМ минатата година ја напушти советникот од Десница (поранешна ПЕП21) и годинава советничката од Демократски сојуз. И ова не е ништо ново. Тоа што е ново е што денес Демокатски сојуз во Аеродром за прв пат го поддржа Буџетот на Општина Аеродром за наредната година, предложен од градоначалникот и мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ. Односно за прв пат денес ДС во Аеродром гласаше со ВМРО-ДПМНЕ, порача Ристески.

Според него, ваквите написи на одредени медиуми, придонесуваат за тонење на вистината и објективното известување.

-Во Македонија тоне само вистината и објективното новинарско известување. И ако помисливте дека сме го допреле дното, се лажете. Ако ДПМНЕ стане власт во Македонија (нека е и Северна), допрва ќе се изнаслушаме и изначитаме лаги во медиумите. Впрочем, некои од нас никогаш нема да заборават како се известуваше од 2006 до 2016, а во мнозинството од медиумите Бога ми и до денес. Колку е кратко памтењето на гласачкото тело во Македонија ќе дознаеме за некој месец, додаде Ристески.

Според дел од медиумите блиски до опозицијата, двајца советници ја напуштија советничката група на СДСМ. Беше објавено дека СДСМ во овој момент во Аеродром има само еден советник повеќе од Левица.

Слични содржини