Ниту судијата Кадриу не доби доволно гласови за наследник на Кацарска

од Nikola Popovski
334 прегледи

Не помина ниту третиот кандидат Осман Кадриу на продолжението на денешната седница на Уставниот суд на која треба да се избере новиот претседател на Судот. Кадриу беше единствен кандидат откако двете ривалки кои се бореа за првото столче во Уставен суд, судијките Ана Павловска-Данева и Татјана Васиќ-Бозаџиева не се повеќе актуелни. Имено, Павловска-Данева ја повлече кандидатурата, а Васиќ Бозаџиева не ја доби поддршката.

Ова беше осмиот неуспешен обид на членовите на Уставниот суд да изберат претседател. Во петокот, во два наврати судиите гласале за предложените кандидати, при што ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство.

Согласно Деловникот, постапката за избор се повторува се додека не се избере претседател на Уставниот суд. За избор на претседател на Уставниот суд е потребно двотретинско мнозинство од вкупниот број судии или најмалку шест гласа за еден од кандидатите. Изборот се врши согласно член 7 од Деловникот за работа на судот. Гласањето е тајно.

Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.

Вчера на 2-ри јуни, заврши мандатот на досегашната претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска.

Слични содржини