Низ времето…

од Vladimir Zorba
145 прегледи

На денешен ден  3 септември 

1189.- Ричард Први Плантагенет „Лавовско срце“ бил крунисан за крал на Англија.

1500.- Во Фиренца е роден Венвенуто Челини, италијански вајар и златар. Својот бурен живот го опишал во автобиографијата која е значајна за културната историја на ренесансата. Главни дела: „Персеј со глава на медуза“, „Козимо Медичи“, „Трактат за златарството“, „Трактат за вајарството“ и други. Умре во Фиренца, на 14 февруари 1574 година.

1658.- Умрел англискиот државник и војксоводец Оливер Кромвел, водач на англиската буржоарска револуција. Одбивајќи ја кралската титула, во 1653 година станал лорд на Кралството Англија, Шкотска и Ирска. Две години по неговата смрт монархијата била обновена.

1826.- Николај Први бил крунисан за цар на Русија.

1877.- Умрел францускиот државник и историчар Луј Адолф Тјер, основач и прв претседател на Третата република од 1871 до 1873 година. Како шеф на версајската влада во 1871 година во крв ја задушил Париската комуна.

1883.- Умрел рускиот писател Иван Сергеевич Тургењев, еден од најзначајните претставници на рускиот реализам. Тој е првиот руски писател кој со своите дела продрел на Запад. Најзначајните дела му се романите „Благородничко гнездо“, „Рудин“, „Татковци и деца“ и „Спроти новите дни“ како и драмата „Еден месец на село“. Тургењев за време на неговиот живот доживеал поголем углед во Франција отколку во Русија.

1900.- Роден е финскиот државник Урхо Кеконен, претседател на Финска од 1956 до 1982 година. Кеконен е најистакнатиот фински политичар по Втората светска војна.

1900.- Во Струга е роден Ристо Крле, македонски драмски писател. Неговото дело претставува трајна вредност на македонската литература. Заедно со Васил Иљоски и Антон Панов, меѓу двете светски војни го заживеал драмскиот жанр во македонската литература. Негови познати дела се „Парите се отепувачка“, „Антица“, „Милиони маченици“, „Автобиографија“, „Велик ден“ и други. Умрел во Скопје, на 29 октомври 1975 година.

1901.- На патот од Банско за Симитли, кај месноста Потпрена Скала, македонски револуционери на чело со Јане Сандански, ги грабнале американската мисионерка мис Елен Стон и нејзината придружничка Катерина Стефанова Цилка, Бугарка, со цел да се обезбедат пари за националноослободителното движење. За ослободувањето на грабнатите Организацијата добила 14.000 турски лири, што ги употребиле за купување оружје.

1916.- Сојузничките трупи ја поразиле германската армија во Првата светска војна во битката кај Верден, во Франција.

1921.- Во Куманово е роден Христијан Тодоровски – Карпош, народен херој на Македонија. Бил член на Штабот на Кумановскиот партизански одред. Загинал при нападот на бугарската војска во селото Билјача, на 7 февруари 1944 година.

1925.- Во селото Габрово, Струмичко, е роден Манол Пандевски, македонски историчар и академик. Во 1987 година објавен му е избор од неговата научна активност во пет тома под наслов „Македонско ослободително дело во 19. и 20. век“. Умрел во Скопје, на 21 мај 1998 година.

1933.- Во Софија излегол првиот број на „Македонска правда“, весник на македонската емиграција. Од првиот до 11-от број уредник бил Димитар П. Евтимов. Весникот ја подржувал идејата за балканска федерација како единствено решение за мир на Балканот. Од 12-иот број весникот преминал во рацете на протогеровистите, при што Евтимов ја напуштил редакцијата. Излегле вкупно 52 броја.

1944.- Повеќе од 300 балисти со невидена бруталност почнале да се пресметуваат со населението во селото Маврово, Гостиварско. Се што ќе најделе пред себе убивале и пљачкосувале. На крајот го запалиле и го уништиле до темел целото село. Изгорени биле повеќе од 150 куќи, пљачкосани повеќе илјади крупен и ситен добиток, претепани и убиени многу луѓе, а живи в оган биле фрлени Куне Трпевски, Симун Трифуновски, Евдо Десовски и Мара Штерјовска.

1969.- Умрел виетнамскиот државник Хо Ши Мин, претседател на Демократска Република Виетнам (Северен Виетнам) од прогласувањето во 1945 година. Хо Ши Мин бил водач во борбата против јапонската армија, француските колонијални трупи и американската војска. За време на Втората светска војна кога Јапонија го окупирала Виетнам, создал силно ослободително движење, јадрото на идната армија која им нанела одлучувачки порази на Французите и на Американците, по што Северен и Јужен Виетнам се обединиле во 1976 година.

1971.- СССР, САД, Велика Британија и Франција потпишаа спогодба за статусот на Берлин. Со оваа спогодба Берлин бил поделен на источен и западен дел.

1976.- Американскиот вселенски брод без човечки екипаж „Викинг 2“ се спуштил на Марс испраќајќи фотографии од Планетата.

1991.- По седумгодишно мирување повторно проработи Металуршкиот комбинат за никел и антимон „ФЕНИ“ кај Кавадарци.

1993.- Во Скопје умрел Јован Ивањин, македонски писател. Автор е на книгите поезија „Нијанси“, „Скици на далгите“, „Последна балада“ и на романот „Ајазме“. Роден бил во Скопје, на 3 април 1932 година.

1997.- Кај селото Жидилово, кај Крива Паланка во Република Македонија влегле првите цевки од гасоводот за природниот гас, со што започнал процесот на гасификација во државата.

2000.- Папата Јован Павле Втори го беатифицирал папата Пије Деветти од 19. век, игнорирајќи ги острите протести на еврејските и либералните римокатолички кругови.

2007.- Британската војска ја напуштила Басра, најважниот центар на нафтената индустрија во Ирак. Британците и претходно напуштиле три јужни провинции во Ирак, предавајќи ја контролата на домашните сили. Повлекувањето било последица на честите напади во кои настрадале голем број британски војници.

2012.- На 86-годишна возраст умрела долгогодишната оперска првенка Ана Липша Тофовиќ. Ана Липша Тофовиќ на 4 август 1961 година влегла во македонската музичка историја со концертот одржан во црквата „Света Софија“, со што било означено раѓањето на манифестацијата „Охридско лето“./MIA