Израелските власти го добиле планот на Хамас за напад без преседан врз Израел повеќе од една година пред упадот на 7 октомври, но сметале дека таквото сценарио е нереално, пишува „Њујорк Тајмс“, врз основа на преглед на доверливи документи.
Израелското воено разузнавање дошло до документ од палестинското исламистичко движење Хамас од околу 40 страници, во кој детално се опишува голем напад како оној што го извршија екстремистите на 7 октомври во Израел.
Во овој документ, кој циркулирал во разузнавачките кругови под кодното име „Ѕидот на Ерихон“, не бил наведен датумот на можниот напад, но биле прецизирани точките поврзани со израелскиот безбедносен систем и нападите врз градовите и воените бази.
Во документот се наведени планови за ракетен напад, беспилотни летала кои ги уништуваат безбедносните камери и одбранбените системи и борците кои преминуваат на израелската страна со параглајдери, автомобили и пеш.
Сепак, „не можеше да се утврди“ дали планот бил одобрен од раководството на Хамас и што тој би можел да значи во реалноста, стои во интерниот израелски воен документ во кој имал увид „Њујорк тајмс“.