Номиналниот раст на платите се топи, му порачаа од ВМРО-ДПМНЕ на Битиќи

од Nikola Popovski
170 прегледи

Во отсуство на било какви економски резултати, Фатмир Битиќи на социјалните мрежи сподели графици со растот на платите во приватниот сектор од 2016 до 2023 година фалејќи се дека ја зголемиле благосостојбата на граѓаните и постигнале извонредно зголемување на просечната плата не само во јавниот сектор, туку и во приватниот сектор. Од вкупно 19 дејности според Националната класификација на дејности, во периодот од 2006-2016 година кога беше на власт ВМРО-ДПМНЕ во вкупно 11 дејности платите растат со посилно темпо од платите во периодот од 2017 до 2023 година, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

Од партијата на Христијан Мицкоски излегоа со пресметки за платите денес и додека претходно беа на власт.

-Во градежништвото, Битиќи се фали дека платата се зголемила за 72%, но во претходниот период на владата на ВМРО-ДПМНЕ платата во градежништвото порасна за 104% (или двојно се зголемила).  Се фали дека растот на платите во секторот транспорт и складирање е 50%, но во претходен период на ВМРО-ДПМНЕ растот беше 62%. Во секторот снабдување со вода и управување со отпад се фали дека платата пораснала за 47%, а во претходниот период на ВМРО-ДПМНЕ растот на платата бил 60%, стои во партското соопштение, додавајќи дека номиналниот раст на платите се топи.

Според Битиќи, со влезот во ЕУ, минималната плата ќе биде 800 евра, а просечната плата ќе биде 1300 евра.

-Тоа заслужува секој граѓанин да го добие. Ќе има доволно средства за тоа. Разликата меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ е што испорачуваме. Докажавме дека го достигнавме тоа што го ветивме во 2020 и сме надминале за 20%. Имам убедување дека тоа е лесно остварливо, рече утрово Битиќи.

Според вицепремиерот, во изминатите седум години просечните плати растеле и во јавниот и во приватниот сектор. Информира дека зголемувањето е во распон од 31 до 91 процент.

Од неговите објавени графици, се гледа дека најнизок раст од 31 процент има во секторот снабдување со електрична енергија. Просечната плата во 2016 била 37.226, а во 2023 – 49.089 денари. Пред нив, со 32 насто зголемување се платите во финансиските дејности, чиј просек од 39.699 пораснал на 52.762 денари.

Слични содржини