Медицинска сестра од Русија, која стана популарна затоа што беше фотографирана како носи само долна облека под заштитно одело во одделот за оние заразени со коронавирус, веќе доби манекенски ангажман. Сега таа стана и ТВ водителка.

Надежда Жукова (23), која носеше провидно заштитно одело, додека им даваше лекарства на пациентите, беше под дисциплинска постапка во мај.
Медицинската сестра тогаш се пожали дека е „премногу топло“ во заштитните костуми, а дисциплинската постапка е стопирана по големиот притисок на јавноста.
Сега на Надежда и е понудена улогата на водителка на временската прогноза на локалната телевизија во Тула, јужно од Москва, но таа сепак ќе продолжи да работи како медицинска сестра.
Бидејќи привлече внимание, неодамна и беше понуден и манекенски ангажман. Така, таа стана модел на руски спортски бренд за облека, но инсистира на тоа дека ништо нема да ја оддалечи од нејзината кариера во здравството.
„Тоа е голема работа за мене. Ви благодарам што ми дозволивте да се обидам. Моите родители ќе ме гледаат на ТВ, но навечер, после работа”, кратко изјави Надежда за својата идна работа на телевизија.
Во мај, гувернерот на Тула, Алексеј Дијамин, близок соработник на Путин и неговиот поранешен телохранител, силно ја поддржа Надежда, па казната беше отфрлена.
Надежда во тоа време изјави дека е „шокирана“ кога пријателите и ги покажале фотографии на кои таа носи само долна облека како го обиколуваат светот.Таа додаде дека е особено вознемирена од навредливите коментари на социјалните мрежи.
„Мислев дека ќе биде само тема на разговор во мојот град и тоа ќе биде сè. Како што се покажа, тоа не беше случај. Сепак, јас имав поддршка од колегите и затоа им благодарам. Ако не беа тие, не знам како ќе се справев со притисокот. И поддршката на гувернерот беше неочекувана, и ме смири “, рече идната ТВ водителка.
Покрај ангажманот што го доби, Надежда планира да ги продолжи студиите и да стане доктор.

Во меѓувреме, таа продолжува да работи во одделот за пациенти со ковид 19 и тврди дека не се плаши од инфекција.
„И покрај сите ризици, стрес, постојан недостаток на сон – сигурна сум дека ќе успееме во борбата, главната работа е да задржиме позитивен став“, убедена е таа.
Гледајќи ги фотографиите во проѕирните костуми и долна облека, колегите на Надежда ја бранеа, тврдејќи дека нема доволно соодветни оддела за здравствените работници да ги носат под заштитни мантили.