Нотарската комора ги демантира изнесените реакции против нотари во отвореното писмо од Амбасадата на Австрија

од Vladimir Zorba
198 прегледи

Нотарската комора на Република Северна Македонија по прибирање на релеванти информации од аспект на нотарското постапување, во целост ги демантира и не се согласува со изнесените реакции насочени против нотари, поврзани со објавата и реакциите на Австриската амбасада за вклученост на нотари и злоупотреба на службената положба и овластување во трговскиот спор меѓу македонската фирма ДЕНА ПРОДУКТ увоз извоз Велес и австриската фирма АММА импорт експорт.

Од Нотарската комора наведуваат дека нотарите се лица со јавни овластувања доверени од државата, чија дејност се извршува во неспорни работи, што значи дека во ниеден случај нотарите не можат да бидат вклучени и да преземаат дејствија во било какви спорови, а најмалку во трговски спор.

– Според податоците од решението за определување на привремена мерка донесено од надлежен суд, недвосмилено е дека ниеден нотар во државата не составил ниту заверил нотарска исправа со која е осуетено или повредено било какво право на австриската фирма. Во конкретниот случај станува збор за недвижност, па доколку надлежен суд издал правосилна привремена мерка за обезбедување на побарување поврзано со таа недвижност, истата судот по службена должност треба да ја спроведе со доставување до Агенцијата за катастар на недвижности заради прибележување во јавните книги во кои се запишуваат правата на недвижностите, како и до соодветните регистри во кои се запишуваат права на подвижни предмети, до носителите на платен промет и до Централен депозитар за хартии од вредност, се наведува во соопштението.

Нотарот, како што појаснува Нотарската комора, би сторил повреда и може да се повикува на одговорност само доколку спротивно на запишаната забрана за располагање, дозволи склучување на правно дело во форма на нотарска исправа (нотарски акт или солемнизација на приватна исправа), а која ќе се однесува на недвижноста за која постои забрана.

– Фактот што нотар издал правосилно и извршно решение за нотарски платен налог, нема никаква поврзаност со недвижноста и со забраната за нејзино отуѓување, од причини што „Нотарски платен налог“ претставува решение на нотарот со кое, врз основа на веродостојна исправа, му се налага на должникот да исплати некое доспеано парично побарување. Нотарскиот платен налог е инструмент за вонсудско намирување на парични побарувањата и тој му овозможува на доверителот, по правосилност и извршност на истото, доколку доброволно не биде исполнето, да побара присилна наплата преку надлежен извршител. Што значи станува збор за постапка која се води за доспеани парични побарувања и е сосема различна и независна од постапката за составување на нотарска исправа за недвижен и друг имот, велат од Нотарската комора.

Оттука, како што додаваат, реакциите не може да имаат правно релевантно значење од аспект на законитоста во постапувањето на нотари.

– Одговорноста за располагање со имот или права спротивно на изречена забрана или ограничување, со одлука на судот кое не е запишано во јавна книга или регистар е на страна на лицето кое постапило спротивно на забраната или ограничувањето и истото е од значење за правната валидност на склученото правно дело, за што е предвидена и правна заштита во соодветна постапка. Но, доколку Австриската амбасада има потреба од дополнителни појаснувања, Нотарската комора на Република Северна Македонија и стои на располагање за било какви информации и консултации во врска со постапувањето на нотари во конкретниот случај, се наведува во соопштението.

Австрискиот амбасадор Георг Вуцас, вчера во отворено писмо до медиумите насловено „Што ќе надвладее? Владеење на правотот и заштита на австриски инвестиции во Северна Македонија или криминални договори за заробување на судството и правните службеници“ обвини дека фирмите ДЕНА и ГЛОБАЛ ги заробиле судството и службениците (извршителите и нотари) во случајот со австриската инвестиција во земјава на AMMA Import Export GmbH (AMMA), со седиште во Хоенемс, Австрија и повика „да се отстранат сите неспособни и пристрасни судии и обвинителите во овие случаи“.

Слични содржини