Бројот на загинати во силниот земјотрес што рано утринава ја погоди југоисточна Турција се искачи на 284, додека најмалку 2.320 лица се повредени, соопштија локалните власти.
Земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала го погоди рано изутринава јужниот дел на Турција и соседна Сирија, соопштија властите на двете земји, додавајќи дека предизвикал и голема материјална штета.
Повеќе од 1.000 згради се целосно урнати, што предизвикува страв од уште поголем број жртви.
Сириското министерство за здравство соопшти дека бројот на загинати се искачил на 237, додека 639 се повредени.
Се уште не е познат точниот број на жртви во областите под контрола на бунтовниците. Спасувачите во тие области објавија дека загинале неколку десетици луѓе, а неколку стотици се повредени.
Спасувачите ги повикаа меѓународните хуманитарни организации „брзо да интервенираат“ за да му помогнат на локалното население.
Епицентарот на земјотресот бил во областа Пазарџик, во провинцијата Кахраманмарас на југоистокот на Турција, на околу 60 километри од границата со Сирија.
Тоа е најголемиот земјотрес во Турција од 17 август 1999 година, кога загинаа 17.000 луѓе, од кои 1.000 во Истанбул.
Земјотресот бил почувствуван и во Либан.